Бензинот во Македонија е најеВтин, но и платите се ниски – со просечна плата можат да се купат најмалку литри

И покрај енормното поскапување на нафтените деривати, властите кај нас упорно смируваат дека состојбата е стабилна и дека во Македонија се вози по најевтина цена во однос на земјите од регионот. И , доколку ги гледаме само бројките тоа е навистина така, но суштински работите стојат поинаку.

Доколку се земат во предвид просечните плати во земјите во регионот и нашата, по една едноставна математичка пресметка ќе ја добиеме сликата колку македонците навистина возат најевтино.

Имено, со македонската просечна плата која во моментов изнесува  29.943 според податоците од Државниот завод за статистика, можете да купите 327 литри 95 октански бензин. Со други зборови со оваа плата далеку од тоа дека возиме најевтино.

Во соседна Србија доколку заработувате просечна плата ќе може да купите 436 литри, нешто повеќе во Црна Гора односно 483 литри. Во Бугарија со просечна плата од 660 евра ќе може да купите 594 литри 95 октански бензин, а во Хрватска би купиле 581 литри. Грците сепак можат да купат најмногу литри на гориво доколку заработуваат просечна плата, односно 1437 литри.

Просечната плата во државава не стигнува ни за основните трошоци, покажуваат последните податоци од синдикалците. За едно четиричлено семејство, да се снабди со основните трошоци потребни му се 36.146 денари, што значи дека ако имаат приходи на ниво на просечна плата ќе им недостигаат  нешто над 100 евра за да можат да преживеат.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста