Муцунски и „Лајка“ експресно решија голем проблем на аеродромци со уличните кучиња (ФОТО)

Повеќемесечниот проблем со бездомните кучиња во општина Аеродром, особено во паркот кај „Воените кули“, во непосредна близина на „Капитол Мол“ и „поранешна Стела“, по итна постапка исчезна.

По низа критики на социјалните мрежи и директните прозивки до градоначалникот Тимчо Муцунски, веднаш од општината беше испратена инспекција на увид, и уште во вторникот наутро, тамошните служби ги расчистија импровизираните колиби на уличните кучиња во паркот, а Јавното претпријатие „Лајка“ ги згрижи проблематичните кучиња.

„Во последниот месец излеговме четири пати на терен низ Аеродром по барање на општината. Згриживме неколку кучиња, особено оние проблематичните за кои добивме пријави и од жители. Сите добија хуман третман и се она што е потребно од „Лајка“.Од декември па наваму, во соработка со здруженијата, вдомивме околу 25 кучиња, главно, агресивни и несоцијализирани, и оние кои знаат да збркаат луѓе додека возат велосипед. Од сите нив, само осум ни останаа во прифатилиштето, а другите веќе имаат нов дом, што е одлично. Нашите екипи постојано се на терен и настојуваме да ги лоцираме сите оние кучиња кои несоодветно се однесуваат“, изјави за „ТВ Алфа“, директорот на „Лајка“, Воислав Димитровски.

Општина Аеродром свесни за проблемот со уличните кучиња, постојано преземаат конкретни дејствија, и тврдат дека граѓаните може да се чувствуваат безбедно.

„Согласни сме дека постои проблем и токму затоа од првите денови на преземање на одговорноста за водење на Општината, стапивме во контакт со ЈП „Лајка“ како надлежни за овие случаи. Во претходниот период преземавме конкретни дејствија при што најпрво ги обележавме точните локации и тн. „жешки точки“ кои беа пријавувани од граѓаните, а службите на „Лајка“ веќе почнаа со заловување на агресивните кучиња. Аеродром и во моментот претставува една од најбезбедните општини во Македонија, но секако дека тоа може да се подобри. Од првите денови на мандатот преземаме мерки за заштита и безбедност на граѓаните во секој аспект од животот. Општината нема конкретна надлежност или служба која може да ги заловува кучињата, но секое испратено барање или поплака до општината веднаш е пренасочено до ЈП „Лајка“ со апел за брзо справување. Главната цел е да го продолжиме и да го засилиме интензитетот на работата во Општината, за која и самите граѓани забележуваат дека е многу повидлива и забележителна во секојдневието“, велат од општината за „Алфа ТВ“.

Изминатиов период на социјалните мрежи можеше да се забележат се почести поплаки, критики, но и вербални караници на неистомисленици за бездомните кучиња. Како и да е, најважно во моментов, со оглед на последните немили настани, е тоа што жителите во околината на „поранешна Стела“, во Аеродром, може мирно и слободно да се движат.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста