За два дена бензините поскапеа за 9, дизелот за 18.5 денари

Со оваа мерка би се примениле акцизи намалени за 2 денари, дизелот наместо 85, 5 денари би се намалил за 10,5 денари и би изнесувал 75 денари.  Бензин наместо 91,5 денари би се намалил околу 11,5 денари и би изнесувал 80 денари, рече на вчерашната прес-конференција Премиерот Димитар Ковачевски.

Само неколку часа по оваа изјава на Ковачевски, ново рекордно поскапување на горивата.  Дизелот се продава за 8.5 денари повеќе, а бензините за 3.5. Сега цените се историски највисоки – 95-та чини 93 денари, 98-та 95, а дизелот 94 денари по литар.

Иако Владата вчера се пофали со нов сет на 26 мерки кои ќе ја заштитат економијата, ударот се чувствува од сите страни.  Од ССК велат дека  неизвесноста во која се наоѓаат економските оператори е исклучително тешка, дека се исцрпени резервите со кои би се одржувала веќе нарушената ликвидност и бараат активирање на стоковите резерви.

Пакетот на мерки кои го донесе Владата ќе има позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека постои простор за нивно надополнување и модификација. Во таа насока го истакнуваме нашето барање за активирање на стоковите резерви кои се од круцијално значење во ваква кризна ситуација.  Стоковите резерви треба да се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите, велат од ССК.

Предлогот за намалување на акцизата и ДДВ-то може да се сфати како одредено ублажување на таа состојба, но дека тоа е далеку од некое решение зборува и фактот што Премиерот најавуваше дека тоа ќе изнесува 10 денари по литар дизел и дека со тоа ќе се намалат од 85 на 75 денари, но од ноќеска дизелот е 94 денари. Што значи и да се изгласа ова собрание, на база на оваа цена тоа не може да биде поевтино од  84 денари, а јас се плашам дека во следните 2 -3 дена ќе има ново покачување, истакна Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

Од поскапувањето ќе трпи и транспортот. Превозниците велат, постојаното менување на цената  на горивата  ќе влијае врз тековната ликвидноста на превозниците затоа што сега нема методологија за пресметка на цена на превоз.

Доколку вчера ме прашавте за мерките ќе ви кажев дека мерките што ги донесе Влаата се позитивни и ќе придонесат за подобрување на ситуацијата, меѓутоа денес веќе драстично се менува затоа што одново имаме, не знам како, поголемо покачување на цената на нафтата од бензините, нешто што досега не се случило. Така да овие дополнителни 8 и пол денари покажуваат дека мерките што Владата ги донесе ќе бидат изедени со покачувањето, вели Муратовска од МАКАМ-ТРАНС, Македонија

Владата вчера бомбастично најави 26 мерки, дел од нив и стари. За некои од нив, како минималното намалување на акцизите и кратењето на ДДВ-то ќе бидат потребни и законски измени, кои Владата ги достави во законодавниот дом. Сепак, ништо од ова се уште не е изгласано во Собранието, па неизвесно е кога би стапилe на сила.

К.Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста