АРМ одбележува 28 години постоење

Со почесна артилериска стрелба и со свеченост на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на Армијата на Република Македонија. Свеченоста ќе се реализира согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.

Од Генералштабот на Армијата најавија дека обраќање ќе имаат Претседателот на Република Македонија и Врховен командант, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Претседателот Пендаровски на свеченоста, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува баталјонот за воено-медицинска поддршка, третиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада и канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

По повод Денот на Армијата, во 10 часот ќе се изврши и почесна артилериска стрелба со пет плотуни од артилериски орудија на единица на артилерискиот баталјон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста