Анонимните
Ги следам анкетите пред изборите со кои се истражува расположението на гласачите во
Македонија. На сите анкети како и во светот водство на претстојните избори му припаѓа на
десниот центар. Бран кој го зафати светот со свртување кон традицијата од која се бара одговор
на прашања во историски времиња.
Сепак добар дел од анкетираните на последните истражувања одговориле дека се уште немат
донесено одлука за кого ќе гласат на изборите. Во држава со хибриден систем многумина тешко
би се одлучиле макар и на анонимна анкета слободно да проговорат за својата политичка
определба. Особено нели ако се против актуелната власт. Се разбира дел од сограѓаните
навистина се уште не се одлучиле дефинитивно, а несомнено постојат и граѓани кои едноставно
одлучиле дека нема да бидат дел од овие избори. Што би се рекло останале анонимни. Избрале
да останат анонимни, непознати пред почетокот на кампањата или пак, до крајот.
Тоа ме потсеќа на вечното двојно значење на анонимноста на нашиот човек. На она што е нашата
мудра традиционална анонимност и она што значи современа анонимност. Првата можете да ја
запознаете конкретно преку грандизоните дела во средниот век чии автори останле непознати.
Како на пример камениот мост во Скопје или фрескописите на бројните храмови. Втората
анонимност се препознава во современото индустриско призводство направено од непознат
работник и наменето за непознат купувач. Денеска можеме само да претпоставуваме чија рака
ги потпишала фасцинантните уметнички како бројните артефакти и архитектонска креативност
на нашите простори. Од друга страна современите уметници и автори неуморно се борат за
афирмација и да се докажат пред светот.
Порано кога занаетчијата произведувал еден свој продукт се вложувал себе и производот бил во
склад со неговата лична природа. Тоа е дел од него, толку суптилно и интимно што тој се срамува
своето име да го напише врз чедото – производот било тоа да биле чевли, орудија или леб.
Производот е едно од неговите деца, а децата се слика на родителот според воспитаноста.
Производот според квалитетот. Тоа е дел од неговата аскеза, од неговата мудра грандиозна
скромност.
Сосема спротивно на овој вид анонимност каде суетата нема голема улога, постои современата
анонимност од која секој современ човек редовно сака да побегне. Пример е индустриското
производство во кое никој не знае кој и кога стои зад машината и, никој не знае кој и кога
застанал како купувач на касата во маркетот. Современата анонимност остава впечаток дека
станува збор за победа на квантитетот над квалитетот. Исцрпувачка борба за докажување на
личниот квалитет. Тоа е анонимноста на масата во која никој не се разликува од другиот. Сите се
борат за себедокажување, така што борбата за докажување и нејзините елементи станаа банални.
За жал потопени во таа маса тие тешко може да се одделат од неа.
Според тоа јасно е нели дека нашиот анонимен анкетиран е само мудар човек, кој инстинктивно
избегнува премногу зборување и лесно донесување одлуки. И, јасно е дека тој не тежнее да
остане потопен во анонимно единство со маса на неодлучни. Не сака свесно да остане дел од
онаа современа анонимност која од обичниот човек создава машина, безимен и безличен ентитет
кој веќе толку отупел што не сака да ја преземе ниту одговорност за својата и иднината на своите
деца.
Две среќни околности ќе го променат овој процес. Прво тајноста на гласањето. Имено тоа е онаа
анонимност која ќе му овозможи на граѓанинот без многу врева да излезе да гласа, да го каже
своето мислење и да излезе од онаа потопена анонимна маса која нема мислење или пак се
плаши.
Понатаму, среќна околност е што политиката е вештина и претставува стар човеков занает. Од
политичарот не се очекува да биде стручно лице во секоја област. Треба да го разбира
алгоритамот на современите текови; софистицираната зависност од науката и техниката е клучна;
треба да ги разбира меѓучовечките односи и да ги координира различните интереси. Активноста
на политичарите исто како и на вредните занаетчии може да произведе препознатливо дело за
сите. Исто како и анонимниот автор на грандиозните дела неговата политика пред се’ е дел од
неговата внатрешност. Од неговата оргинална личност.
Воден од принципите кои на нашите простори се вредности од искона, воден од нашата
народна мисла може да покрене голем дел од анонимните во едно движење кон победа на
слободната творечка личност на човекот во нашето општество.
Мора најпрвин да биде скромен и мудар човек без суета што би можела да го внесе во
самодокажување така што на крај ќе се потопи во општата маса. Треба повеќе да се истражува
но, имам впечаток дека наследниците на црвената буржоазија имаат некаква потреба постојано
да се докажуваат. Сенека пред две илјади години опишал во писмо: „мрза да се постои, страв да
не се постои“.
Мора да биде чесен и вреден. Порано чесноста била поим на секој кој со нешто се зафаќа и
подава рака. Претпоставете ја физичката казна која ги следувала оние кои ја граделе Охридската
тврдина или Скопското кале доколку проневерат пари наменети за изградба.
Мора да биде човек од збор. Зборот како творец е прикажан во сите свети записи и секој човек кој
верува во исконските вредности најпрвин го разбира значењето на дадениот збор. Треба се’ да
помине но, неговиот збор да остане.
Потребно е да понуди правда. Правдата е исто така човеково чувство надвор од правото. Дури и
кога би имале најдобар систем тоа не мора да значи правда. Најголемото право понекогаш може
да биде неправда. Затоа приказните за мудроста на Соломон се важни и се пренесуват со
генерации.
Ако се земе во предвид дека нашата држава и нација беа предадени, дека преживеавме
здравствена, енергетска и економска криза со најлоши резултати, дека имаме распад на правниот
систем и грабеж кој допрва ќе се расчистува, дека имаме грандиозна корупција, иселување на
младите и пензионери кои протестираат, тогаш јасно е дека криењето и неодлучноста нема да ни
помогнат многу во годините кои следат. И нашиот мудар народ тоа добро го знае.
Верувам дека следните објавени резултати од испитувањето на јавното мислење јасно ќе покажат
поголема расположеност на гласачите да ја победат неправдата, криминалот и немаштијата. И
сметам дека единствено оној кој лично ги доживува нашите традиционални вредности како свои
принципи може да го обедини и поведе нашиот народ.
Петар Трајков