Ангеловска молчи за еврообврзницата

Министерката за финансии Нина Ангеловска никаде ја нема кога треба да се презентираат клучни одлуки на Владата поврзани со нејзиниот ресор, кои имаат негативен одек во јавноста. Информацијата дека земјава се задолжи со историски најголемата еврообврзница “тешка“ 700 милиони евра помина со најобично соопштение. Во минатото редовна пракса беше министрите за финансии веднаш да организираат прес конференции на кои и ги објаснуваа на јавноста сите детали. Веќе два дена експертите прашуваат колкава ќе биде цената, односно каматата што треба да се плати за издадената еврообврзница, на кој начин и на колку рати ќе се враќа и од каде ќе се најдат пари за враќање на долговите. Инаку со новото задолжување со еврообврзницата, јавниот долг ќе скокне од досегашните 5 и пол милијарди евра на 6,2 милијарди евра, односно од 50,7% на над 56% од БДП.

Аналитичарите се кренаа на нозе и пред 4 недели кога Владата ја зголеми акцизата на нафтените деривати за 3 денари по литар. И тогаш, тешката задача непопуларната вест да и ја соопшти на јавноста ја имаше владиниот портпарол Муамет Хоџа и покрај тоа што сите чекаа министерката за финансии Нина Ангеловска да ја образложи мерката. Инаку портпаролот ретко држи сам прес конференции и најчесто, пред коронакризата, известуваше за заклучоците од редовните владини седници.

Министерката за финансии Ангеловска наиде на негативни реакции во јавноста и минатата недела кога заедно со министерот за економија Бектеши во неможност соодветно да ја информираат јавноста околу уредбите за платежните картички и ваучери за граѓаните предвидени со третиот сет мерки, во момент на нервоза се осудија да даваат квалификации што треба, а што не треба да прашуваат новинарите. Овој потег беше остро искритикуван од експертите и новинарската фела.

Инаку, Уредбата за платежните картички беше објавена вчера со задоцнување од речиси две недели откако премиерот Спасовски го презентираше третиот сет мерки. Граѓаните се уште чекаат на Уредбата за ваучерите за туристички патувања во висина од 100 евра. Министерот Бектеши неделава уверуваше дека процесот ќе заврши најдоцна викендов.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста