Амбулантите преполни, докторите критикуваат – Комисијата за заразни болести доцни со мерките

Новиот бран на корона вирусот зема замав – Комисијата за заразни болети ќе заседава утре, а експертите сметаат дека за рестриктивни мерки е веќе предоцна. Епидемиолозите предупредуваат за сериозни клинички слики кај заразените од корона вирус и неопходна хоспитализација. Собирите, прославите, непочитувањето на препораките за носење маски и држење дистанца ја влоши епидемиолошката состојба во државава.

Ако не донесеме рестриктивни мерки за кои веќе е доцна, барем да се почитуваат мерките. Тие дружби, слави, ни се удрија од глава и ќе имаме голем проблем кој е евидентен. Денеска ќе имаме повторно висок број, имаме клиничка симптоматологија која бара терциерно лекување – вели епидемиологот д-р Сашко Олумчев.

И покрај лошото и врнежливо време, имаше метеж пред вакциналните пунктови.

Високиот број на новозаразени од корона вирус ги исплаши граѓаните. Дел од нив сметаат дека нови рестриктивни мерки не се потребни, други се упатија до вакциналните пунктови, да примат трета доза од вакцината.

Дополнителен проблем претставува и недостатокот на термини за тестирање – што според лекарите го одолговлекува дијагностицирањето на вирусот но и лекувањето.

Точно е дека нема доволно тестови и термини, но со искуството, лекарите може да го препознаат вирусот, така што третманот приемот на пациентите мора да биде што порано, треба да има терапија што побрзо, евентуално ако има компликации да се оди на дневно болничко лекување – вели д-р Олумчев.

Според д-р Олумчев, немаме точна евиденција на заразени, бидејќи голем број граѓани купуваат брзи тестови од аптека, други без тестирање ја третираат болеста во домашни услови. Дека нема термини за тестирање, доказ е и тоа што матичните лекари своите пациенти за тестирање ги праќаат во други градови.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста