Последни подготовки за изборот на новата влада, што потоа?

Соцјал-демократите на чело со Ковачевски денеска ги прават последните пресметки, а утре Централниот и Извршниот одбор ќе пресече за имињата на членовите во новата влада. Веќе во вторник се очекува Ковачевски да го достави составот до Законодавниот дом, а до крајот на неделава ќе треба да се одржи гласање за новиот владин кабинет.

Оливер Спасовски, актуелниот министер за внатрешни работи, најверојатно ќе остане на истата позиција. Заменик претседателката на СДСМ, Лукаревска најави дека нема да ја промени позицијата како директорка на УЈП. Бојан Маричиќ се по извесно е дека ќе седне на столчето на Никола Димитров, кој нема да учествува во составот на новата влада, како вицепремиер за европски прашања. Се уште нема ниту најава кој ќе биде замена за Царовска и  Шекеринска, ниту пак, кој ќе го замени Маричиќ како прв човек на Правда. Неизвесно е и дали Љупчо Николовски ќе биде дел од новиот владин кабинет.

До сега, познато е дека министерството за здравство ќе го води Беким Сали, а Адмирим Алити ќе стои на чело на министерството за Информатичко општество и администрација. И двајцата од редовите на Алтернатива. Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор – одговорен за дијаспората, а заменици- министри во МОН, Земјоделие и Министерството за култура ќе бидат исто така луѓе на Гаши.


ДУИ останува со истите кадри, односно Министерството за надворешни, за политички систем, Министерството за животна средина, Министерството за економија и за финансии. ЛДП го задржува единственото министерство со кое управува, она за локална самоуправа.

Помалите коалициски партнери во владината коалиција засега остануваат со празни раце, со ветување дека ќе има преговори за формирање ново Министерство за клима и енергија.

Илинденска број 2 пред себе има тешки задачи за решавање. Македонија е длабоко во економска, енергетска и здравствена криза. Соочена со новиот сој на Ковид, македонскиот јавен здравствен систем кубури со тестови, а медицинскиот персонал, кој е во голем одлив, веќе одамна со последни сили се бори со пандемијата. Не помал предизвик за новата влада ќе биде економијата и стандардот на граѓаните, откако пред нова година година поскапи струјата за речиси 10 проценти, а за скопјани и  парното, кое годинава ќе биде поскапо за 14 проценти. Животот на македонските граѓани го отежнаа и повисоките цени на прехрамбените производи,  а стандардот на македонските граѓани, каков – таков, го подјадува и инфлацијата..

Стои отворено и решавањето на спорот со источниот сосед за добивање зелено светло и старт на македонскиот преговарачки процес со Унијата. Бугарскиот премиер Петков на 18 ти јануари ќе дојде во Скопје, со, како што вели –  добра волја да се најде начин за откочување на македонските евроинтеграции, но со непроменети позиции во однос на македонското прашање, зад кое стојат сите партии кои се дел од бугарската владина коалиција.. наспроти Бугарија, која знае што сака,а тоа е запечатено во декларацијата во Бугарското народно собрание, од македонска страна нема ниту збор, за тоа, на што се темели оптимизмот дека оваа година, ќе се случи пробив на патот кон ЕУ.. И во македонскиот законодавен дом се изгласа Резолуција, но е нејасно колку сите политички партии се подготвени да ги почитуваат црвените линии кои се содржат во неа.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста