Алфа на терен: Ретко кој купува кеси, се користат платнени торби

Бројни реакции во јавноста откако граѓаните станаа свесни дека само за едно кесе во продавница треба да платат наместо 1-2, дури 15 денари.  Овие пари ќе легнуваат на сметката на т.н. специјален фонд на министерството за животна средина.

Најголем број од граѓаните кои утрово ги посетија пазарите и маркетите за да пазаруваат со себе си носеа платнени торби или стари пластични кеси кои веќе ги имале дома. За нив ова е добар чекор, но сметаат дека немале доволно време за адаптација на новите измени.

Речиси неподготвени измените со пластичните кеси ги дочекаа и пазарџиите. Велат дека и да сакаат нема од каде да набават хартиени кеси, а ќе имаат и многу поголеми трошоци.

  • Па дали требаше да се укинат? – Да, може требаше да се укинат од еколошка гледна точка, ама не на ваков начин. Ние сега дојдовме во ситуација да немаме еколошки кеси, немаат ни маркетиве, со старите кеси си работат, а се наплаќаат 15 денари што не е во ред. Исто и ние по пазарите, незнам како ќе работиме, еколошки кеси сеуште немаме од каде да купиме. А граѓаните дали си носат кеси, некои си носат некои, а многу ретко другите се бунат… велат пазарџиите.

Маркетите кои веќе користеа биоразградливи кеси велат дека ова било очекувано и ќе придонело за почиста животна средина.

  • Донесувањето на законот е оправдано и од денеска го применуваме во нашите маркети. ТИНЕКС на потрошувачите неколку опции на хартиени кеси и торби за пазарење – вели Даниела Тодоровска – менаџер на супер Тинекс Зебра за Алфа.

Производителите ќе можат да продолжат да произведуваат пластични кеси кои се биоразградливи до јуни 2023 година вели министерот за животна средина Нуредини. За тоа колку пари се собираат, Нуредини уверува дека на крајот од првиот квартал од следната година министерството ќе ја информира јавноста.

  • Година и пол дена ќе има време производителите да ги направат промените на новите законски услови. Цената што сакаше да ја зголеми Владата беше 10 денари за кеса, пратениците бараа 20, ставот на крајот излезе 15. Идејата не е да се акумулираат средства, туку да нема пластика во храната и водата. Тоа е поентата на ваквите закони и мерки, рече Нуредини.

Но од изутрината жестоки реакции пристигнуваат од сите сектори. Пекарите први реагираа. Тие велат дека занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на нивните производи и услуги, имаат бројни финансиски проблеми за време на ковид криза па ова ќе им биде дополнителна пречка за да опстанат.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста