Адвокатот кој бесплатно го бранеше Горан Ангелов: Ќе беше неправда да не му помогнев на тој човек, овие луѓе не се терористи, бараме правда, не бараме милостина

Ќе беше неправда ако не му помогнев и да не му станев бранител на Горан Ангелов, вели адвокатот Драган Пешевски, кој бесплатно го брани човекот кој доби 12 години затвор од Кривичен за настаните од 27 април. Пред камерата на Алфа Пешевски кажа како воопшто дошло до моментот тој да му стане бранител на Ангелов, кој останал без адвокат, откако било одбиено барањето за увид во списите од предметот, па тогашниот негов бранител се повлекол од случајот.  

-На Горан Ангелов му беше назначен адвокат во службена должност, кој што он го одби па тука мислам дека му беше нарушено и правото на одбрана затоа што за ваква пропишана казна он седеше без бранител на судењето и кога ќе видите еден човек со кој што сме се дружеле во текот на цело тоа судење ќе видите дека тој човек има три деца, сопруга, кај што сите се невработени, да не го браните тој човек и да не му се најдете тоа е неправда, правда е да станете и да му помогнете на тој човек ништо повеќе, изјави Пешевски.

Првичната казна од 12 години за Ангелов, Апелација ја намали на 11. Пешевски вели дека одбраната воопшто не барала намалување на казната, туку ослобододителна пресуда, бидејќи елементи кривичното дело за кое беа гонети обвинетите воопшто немало.

-Апелација ја намали казната тривијално, значи ние не баравме казната да биде намалена, ние баравме за ова дело за кое обвинетите се гонети да бидат ослободени. Значи ние не баравме милостина, ние баравме правда, никој тука не е терорист и никој тука не го загрозил уставниот поредок на Република Македонија, изјави Пешевски.

Според Пешевски нејасно е како Обвинителството за еден кривично правен настан успеало да направи пет кривични дела.

-Почнаа првите среќниците кои што беа на почетокот одговараа за учество во толпа која што ќе стори кривично дело, потоа вторите одговараа за спречување на службено лице во вршење на службената должност, потоа се префрливме за насилство, на крајот отидовме за убиство и големото финале го доживеавме кога дечкиве ни ги осудија за загрозување на уставниот поредок на Република Македонија, вели Пешевски.

Вели дека во текот на судскиот процес во голем број случаи биле прекршени правата на одбраната, а спомена и дека поради какво основно барање биле казнети сите адвокати со по 1.000 евра.

-Бевме префрлени во друга судница и побаравме права на одбраната да не коленичи и да запишува на колено што кој сведок ќе каже, тоа беше испитување на клучниот сведок во постапката, бевме казнети со по 1.000 евра казна, која што Апелација ни ја намали на 500 евра, изјави Пешевски.

Покрај прекршените права на одбраната, голема дамка на овој процес фрла и селективната аболиција која ја добија дел од обвинетите, што според Пешевски ја покажува и политичката страна во овој процес. Во овој случај со аболиција беа опфатени пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, кои гласаа за прмената на уставното име на Македонија.

-Политичкото крило кое одговараше во оваа постапка беше ослободено токму пред одлуката за носење и за гласање на Преспанскиот договор во Собрание, и ако не буди политички мотиви во овој процес тогаш не знам што буди, изјави Пешевски.

Горан Ангелов беше претседател на патриотското здружение Андон Јанев Ќосето, а е осуден дека како претставник од македонските патриотски здружение презел активности со цел да се спречи изборот на Талат Џафери за собраниски спикер, што беше оспорувано од одбраната.

Адвокатот кој без ниту еден денар го брани Ангелов, вели дека овој случај е далеку од завршен, во моментов се чека одлуката на Врховниот суд, а доколку нешто не биде променето потенцира дека правдата ќе се бара и пред меѓународните судови.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста