Снаи, синови, ќерки и сопруги на политичари, судии и обвинтели положија за да гонат и судат криминал

Ранг листата на Академијата за судии и обвинители како семејно дрво. Синови, ќерки, снаи, сопруги на поранешни и актуелни судии и обвинители, го поминале филтерот и ќе ја почнат својата правосудна кариера.

Меѓу нив има многу звучни имиња како синот на првиот човек на Собранието Талат Џафери, Барлет. Тој и стана познат на јавноста кога проструи информацијата дека го полагал правосудниот испит пред да дипломира, а за тоа добил амин наводно од тогашниот министер за правда, Аднан Јашари, со дискрециона одлука.

Ислам Абази чие доаѓање на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал беше поврзувано со ДУИ, сега за колешка ќе си ја има својата сопруга, Албулена Абази.

Судии или јавни обвинители, меѓу другите, ќе бидат и Зоран Здравеев, син на Киро Здравев – експретседател на Судскиот совет, Илир Јакупи – син на Субхи Јакупи, ексчлен на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд, Билјана Иванова – снаа на Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собрнието, Драган Јосифовски –  син на обвинителката Елизабета Јосифовска, која беше дел од СЈО и заменичка на Катица Јанева.

Овие нови роднинско – политичко – судско – обвинителски врски очигледно не ја загрижуваат ниту власта ниту фелата.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, вели дека немал никаква надлежност да прави анализа на кандидатите.

Не навлегувам во тоа чии деца ќе бидат избрани за идни судии обвинители. Се надеваме дека ќе бидат стручен и добар кадар – вели претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев.

Од друга страна познавачите алармираат дека кога роднини на политички и правосудни функцонери стануваат кандидати за судии и обвинители, има можност за сериозен судир на интереси и злоупотреба на позицијата.

Огромен е процентот на деца на правосудни функционери, кои станале правосудни функционери, или деца на функционери во извршната власт. Горкиот впечаток е што три дена се коментираат работите, а на четвртиод ден се зборува за нешто друго. Институциите не го даваат соодветниот одговор. Важен фактор во правосудството е човечкиот фактор. Нас праксата ни покажува дека имаме малку луѓе со интегритет, а перспективата е уште пожална. Ако станете судија или обвинител на начин кој што е спорен, прашање е каков судија, каков обвинител ќе бидете и каков интегритет ќе имате – коментира поранешниот обвинител Војо Димоски.

Роднинско – политичките врски само дополнително ја нарушуваат и онака ниската доверба во правосудниот систем. Според последната анкета на ИРИ, само три отсто од граѓаните целосно веруваат во Обвинителството, а четири отсто во судовите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста