Просветните работници на протест

Директори вршители на должност и наставници приправници денеска протестираа пред Министерството за образование. Бараат Државниот испитен центар да дозволи термини за полагање на менаџерски испит за лиценца за директори на училишта, студентски домови, граѓански центри.  Револтирани се бидејќи  година и пол државата ги кочи и не им дозволува да се доусовршуват.

Решавање на проблемот побара и штипскиот градоначалник кој најави дека за ова ќе ги извести сите дипломатски преставништва во државата.

„Јас ќе испратам допис до сите релевантни дипломатски преставништва, за да се запознаат што се случува во оваа држава. Дали вакво нешто има во друга европска држава? Постои ли држава во која  е ограничено основното право  на секоја индивидуа да се стекне со одредена лиценца?„ праша Јорданов.

Проблемот не ги засега само директорите, туку и наставниците приправници  кои го имат завршено приправничкиот стаж. И тие чекаат за полагање на стручниот испит. Според Јорданов  оваа апсурдна ситуација е резултат на политиките што ги води централната власт

„Ова е силување на демократијата. Ова е заробување на институциите. Ова го немало и во најцрните денови на комунизмот. Да не се дозволува година и пол никој да полага , ова го прават за да немат конкуренција кадрите на СДС„ рече Јорданов.

Во државата со овој проблем се соочуваат 111 кандидати за директори и над 600 наставници приправници. Минатата недела штипските директори и наставници приправници протестираа на градскиот плоштад. 

Александра Ристеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста