4680 вакцини стигнаа на Табановце – поларниот студ не го одложи помпезниот пречек

По замрзнат коловоз со една педа снег – во вакви опасни и небезбедни услови медиумските екипи утрово се пробиваа до граничниот премин Табановце за да ја пречекаат донацијата со српските вакцини. Екипите на надлежното претпријатие Македонија пат, ноќеска спиеле.

4680 дози од вакцината на Фајзер со комбе од српскиот здравствен дом стигнаа на Табановце. Спакувани во специјална кутија, тие беа префрлени во комбе на Институтот за трансфузиона медицина, и со полициска придружба се упатија кон главниот град.

Примопредавањето на донацијата го направија претседателот на Србија, Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, во присуство на бројни ТВ екипи од Македонија и Србија.

„Србија мора да го гарантита начинот на транспортот пред производителот. Секоја земја на свој начин си ги решава геополитичките прашање, не може Србија да кажува каде да одат вакцините. Имавме проблеми во договорот што требаше да се решат. И јас денеска не самав да доаѓам, но доцна синоќа го добибме одобрението“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Ова се само првите дози од вкупно 8000. Тие ќе бидат наменети за здравствените работници во ковид центрите“, рече претседателот на Владата Зоран Заев.

Нетрпеливи поради сувиот студ, и Вучиќ и Заев побрзаа да ги скратат новинарските прашања и да заминат.

„Ајде Жељко побрзај, смрзнавме“, му рече Вучиќ на српски новинар.

Првите дози од вакцините ќе бидат наменети за здравствените работници од Ковид центрите, а вакцинацијата официјално ќе стартува во среда.

„Во текот на утрешниот ден ќе бидат завршени постапките во Агенцијата за лекови, а вакцинацијата ќе почне во среда со вработените во модуларната болница во Скопје“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Уште пред еден месец Србија понуди донација од 8000 вакцини за Македонија, но настанот за примопредавање на вакцините еднаш беше одложен поради некомплетна документација. Кога ќе стигнат и останатите 3300 дози зависи од тоа кога Фајзер ќе испорача нова пратка во Србија. Вучиќ најави дека 40000 дози од Фајзер очекувале во текот на утрешниот ден.

Инаку, Македонија се уште ги чека нарачаните 5.800 дози нарачани директно од производителот Фајзер и Бионтек. 200.000 дози од кинеската Синофарм, според најавите на премието Заев ќе тргнеле од Кина дури по прославата на кинеската нова година, но точниот датум за сега не се соопштува. Вакцините нарачани преку Ковакс механизмот, за кои се зборува уште од Октомври, најверојатно ќе стигнат последни иако надлежните на овој систем на СЗО најмногу му се надеваа.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста