Работел 16 часа дневно: Имал приходи за одмор во Дубаи, имал право да посвети време на сопругата

-А точно, Љупчо Николовски, како било кој друг граѓанин, полека ќе ти одговарам, има право на одмор, порача Николовски.

Видно нервозен вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски, кажа дека имал право да посвети време на сопругата, имал право на три дена одмор, откако работел по 16 часа дневно, посветено на граѓаните и државата. Вака тој одговори за одморот во Дубаи, во ек на пандемија, кога препораките до сите се да седат дома, за да не шири коронавирусот.

-Тоа што законски ме следува, нема да дозволам никој да ми го попречи. Три дена одмор на 16 часа работа за граѓаните и за државата, чесно, искрено и одговорно имам право да ги посветам на сопругата. Можеби контекстот од оваа временска дистанца е направена грешка од наша страна што е избран Дубаи за три дена, и не како одмор, туку и работни состаноци на сопругата која што живее односно работи за странска компанија, не за домашна, изјави Николовски.

Но, и се извини, вели со приходите што ги имал од својата 16 часовна дневно, можел да отиде три дена на одмор, признавајќи дека испратил лоша порака со избраната локација.

Работното време на Николовски беше призичина и за реакции на социјалните мрежи. Една од пораките вели и криминалците барале тој да намали со работа, за да преживеат.

-Вистина е дека Љупчо Николовски работи 16 часа дневно заграѓаните. Имено, толку часа човек е буден. А држење на ТОЈ ГЛОБУС наместо глава што го има на рамења е full time job, се вели во еден пост на Фејсбук.

-Работам 16 часа на ден” – кажа Љупчо Николовски. 2/3 Груевски. Ко ќе е полна месечина очекувам целосна трансформација, се вели во друг пост на Фејсбук.

-Непартиските криминалци на питачки стап поради посветеноста на генерал Љупче!, се вели во пост на Фејсбук.

Покрај Љупчо Николовски, кој веќе се врати од одмор, се уште на одмор во егзотично Мексико е поранешниот генерален секретар на Владата, сега советник на Заев, Драги Рашковски. Тој барем засега не изрази жалење што е во Мексико, само кажа дека овој одмор го чинел евтино.

-Одморот ми е планиран пред неколку месеци. Така што, искрено не можам да знам однапред што ќе се случува на политичката сцена неколку месеци подоцна. А во однос на тоа зошто Мексико: затоа што цените на хотелите не биле никогаш пониски. Проверете на „Букинг“. За 14 дена имате хотели со 4 ѕвезди за 350 евра, кажа Рашковски.

Додека едниот се фали дека минал евтино во Мексико, другиот нервозно одговара дека му жал што бил во Дубаи, оставки нема. Таков не е примерот низ светот. Во Канада, министерот за финансии на Онтарио Рон Филипс, си поднесе оставка од морални причини, бидејќи во текот на декември минатата година, во ек на пандемија бил на одмор на Карибите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста