Ќе добие ли Џафери укор од пратениците за недоличното однесување кон собраниските служби?

Собранието чека службена пријава за да го санкционира скандалозното однесување на спикерот Џафери.

Во телефонски разговор за Алфа, претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања при Собранието, Панчо Минов, вели дека се надлежни за поврди и прекршувања на собранискиот кодекс, но, за да постапуваат потребно е да има писмена пријава исклучиво од пратеник, а засега, повиците биле само од јавноста и од политичка партија.

„Комисијата е надлежна за повреда на собранискиот кодекс, но, мора да има писмена пријава исклучиво од пратеник, кој ќе достави и писмени докази за наводи за прекршување на кодексот. Ако добиеме таква пријава, ќе ја разгледаме и ќе започнеме постапка. Засега, повикот е само јавен, од политичка партија, што не е овластен подносител“ – Појаснува Панчо Минов, Претседател на собраниската комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Опозицијата веќе побара оставка од собранискиот спикер, како и свикување на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која би му била изречена опомена заради притисок кон вработени во Собранието.

„Сите молчат затоа што им зависат фотељите и голата власт. Воведуваат практика на насилство, навреди закани, практика на пцуење, споменување мајки во сексуални конотации на вработени, мизерни зборови МРШ и СИКТЕР, само и само за гола власт! По ваков излив на примитивизам Талат Џафери мора да биде подлежен на испитување на неговата деловна способност“ – Изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

И дел од експертите сметаат дека СДСМ молчи за сакандлозното однесување на функционерите од ДУИ поради коалициски мир и страв од избори.

„Причината зошто Владата молчи е дека ако крене глас против Џафери може да се налути коалицискиот партнер ДУИ и да предизвика парламентарни избори кои очигледно СДСМ не ги сака“ – Истакна политикологот Џенур Исени.

Ваквите реакции се должат на неодамнешниот недоличен и навредлив однос на спикерот кон собраниските служби, објавени во скандалозната аудиоснимка која протече од Собранието, во која јасно се слушаат пцости, наврди и омаловажувачко однесување од Џафери кон вработените во собранието.

Новинар: Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста