Неделков за Алфа: Очекуваме членството на СОНК едногласно да го прифати и потпише договорот за 15% зголемување на платите

Членовите на СОНК најверојатно ќе ја прифатат одлуката за 15% зголемување на платите за просветарите од септември, оптимист е првиот човек на СОНК по вчерашните маратонски преговори. Јаким Неделков за Алфа вели дека добиле уверување од Владата дека од јануари ќе добијат дополнителни 3,4% за раст на платите по што ќе се стигнело до посакуваните 18,4%. Советот ќе заседава во текот на неделава, кога и официјало ќе ги потврдат овие информации.

  • Сметам дека нашето членство ќе ги прифати овие препораки на помирувачот и дека ова ќе се претопи во спогодба која претходно мора да помине на орган на одлучување и Советот на СОНК ќе ме овласти да потпишам спогодба. Ние добивме уверување од Владата дека од јануари ќе добиеме дополнителни 3,4% за раст на платите по што ќе се стигне до посакуваните 18,4%, и веќе нема да имаме проблеми, изјави за Алфа претседателот на СОНК Јаким Неделков.

Од септември, основната плата на наставниците во основно образование од 24.700 ќе се зголеми на 28.400 денари. Професорите во средните училишта кои добивале основна плата од 25.800, со покачувањето ќе земаат 29.670 денари.

  • Денеска или утре, се надевам денеска дека ќе изнајдеме решение за исплата на платите во денови на штрајк на вработените во детска заштита и очекувам и тоа да се заврши што поскоро. Истата процедура со труд и социјала ќе биде потпишување спогодба и тоа е овој дел кој мора најдоцна за десетина дена да се заврши, додава неделков.

Неделков додава и на последната средба било договорено и да не се кратат платите за периодот додека траеше штрајкот, иако воспитувачките од градинките ќе добијат намалени плати, кои се очекува да им бидат рефундирани.

  • Вкупната плата има и додатоци на основната. Така, се пресметува за минат труд (кој е околу 10 проценти за 20 години работа), се добива додаток за одделенско раководство од околу 1.200 денари, има наставници кои добиваат додаток за работа со комбинирани паралелки или во тешки услови. Генерално, на овие со поголем работен стаж платата ќе надминува 30.000 денари, објасни Неделков.
  • Освен порамнувањето што го имавме претходно со минималната плата, се договоривме за дополнително зголемување на платите за 15 проценти со исплата од септемвриската плата. Мислам дека ова е прифатливо за двете страни согласно буџетските можности во овие времиња кога функционирањето на државата и управувањето со буџетот е отежнато поради економската и здравствената криза, рече Шаќири по средбата.

Штрајкот во училиштата и градинките почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4%. На Синдикатот му беше понудено зголемување од 10 и 12%, но предлозите беа одбиени од членството на СОНК.

На 26 април штрајкот во градинките беше ставен во мирување со образложение дека тоа е во интерес на родителите и стопанството кои трпат поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст. На 28 април, штрајкот и во училиштата беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјала дека Образование бара мирно решавање на работниот спор со посредство на помирувач. По неговоро назначување, почна процесот на помирување кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена, заврши со усогласување на ставовите на двете страни.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста