Хакиран сајтот на Министерството за финансии? МФ: Имаме проблем со интернет врската

„Сајтот не е достапен. Проверете да не имате направено печатна грешка.“ Оваа порака ќе ве пречека доколку се обидете да пристапите до интернет страницата на Министерството за финансии која цел ден не може да се отвори.

Институцијата која раководи со парите на граѓаните, според засега неофицијални информации, најверојатно е мета на хакерски напад.

Алфа побара став од Министерството, за тоа, какви последици ќе предизвикаат информатичките проблеми со кои се соочуваат и дали се загрозени трезорските трансакции. Иако едно од прашањата се однесуваше на веб-сајтот, кусиот одговор што го добивме оттаму се однесува на целиот компјутерски систем.

  • „Не е хакиран системот на министерството за финансии. Има проблем со интернет конекцијата и се работи на нејзино воспоставување.“ – Одговорија од Министерството за финансии.

Иако од Министерството тврдат дека станува збор за проблеми со интернет врската, а не за хакерски напад, нејасно е зошто се потребни часови за повторно да проработи интренет адресата.

Македонските инстуции се почесто се мета на хакерски напади. Завчера повторно падна дел од системот на Фондот за здравство, а пациентите и лекарите повеќе од 24 часа немаа пристап до одредени функции – не можеа да го продолжат здравственото осигурување и боледувањето, ниту пак да земат ортопетско помагало.

Најголемиот напад се случи пред три месеци кога со недели не функционираше системот на ФЗОМ кој етапно беше вратен откако беа ангажирани странски експерти. Надлежните никогаш не одговорија колку чинеше ова и дали беше платен откуп на хакерите кои бараа 2.000 биткиони односно повеќе од 50 милиони евра за да ги вратат заклучените здравствени податоци на граѓаните.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста