До лек од сопствен џеб – над една деценија не е обновена позитивната листа

Доколку вашето дете има сипаници за терапија треба да издвоите најмалку две илјади денари, бидејќи ниту еден препарат го нема на позитивната листа на лекови. Во време на епидемија на стрептокока доколку имате дете заразено со оваа бактерија неговото лекување ќе ве кошта најмалку 1.500 денари.  И пациентите со хронични заболувања за да пијат нови и современи лекови треба да имаат  подлабок џеб. Мора да ги купуваат на приватно бидејќи позитивната листа во Македонија не е ревидирана повеќе од една деценија. И на неа има апчиња кои во други земји се одамна надвор од употреба. На пример за третман на хипертензија, матичниот на рецепти препишува неколку медикаменти  кои ги плаќа Фондот и се неопходни за регулирање на крвниот притисок.  Но лек за истата болест кој има повеќе компоненти и е доволно само едно апче не е на позитивната листа. Со вакви небулозни ситуации секојдневно се соочуваат лекарите и тоа за поголем број на дијагнози.

Нас ни треба нешто што е за хронична стостојба најмногу. Еве конкретно пример за хипертензијата, значи имате многу сериозно добри лекови, кој навистина се квалитетни. И којшто пациентите мора да ги купуваат на приватно заради тоа што позитивната листа не го покрива тоа. А е еден круциален лек кој што на пример ќе им го смени притисокот од висока вредност до некоја нормална вредност ” – вели за Алфа, д-р Бојан Трајковски.

Д-р Трајковски вели дека неопходно е да се ревидира листата на лекови,за да им се олесни на пацинетите. Но и на државата.

“Имаме ситуации каде што јас морам да препишам лек на одреден пациент а тој ми вели јас немам пари да го купам овој лек,пиши ми било што друго што е на терет на фондот.А знаеш дека му помага другиот лек” – изјави д-р Трајковски.

Ревидирање на позитивната листа беше приоритет на секој министер за здравство кога ќе седне во фотелјата, како што е и изградбата на новиот клинички центар. До ден денес – ниту има нови лекови на рецепти ниту пак се удрени темели на новиот комплекс.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста