Транспортерите бараат решавање на хаосот на граничните премини

Владата во најкраток рок да не повика на средба – професионалите возачи на симболичен протест низ Скопските улици ги поставија нивните барања до надлежните. Протестот доаѓа откако повеќе од месец дена испраќаат писмени барања до Владата и до ресорните министерства за да бидат примени на средба како на маса би ги ставиле проблемите  поради кои со часови чекаат во километарски колони.

Ова е децениски проблем со кој се соочуваме. Најпрво, со огромните колони и застои на граничните премини. Минималната колона е 10 километри секојдневно, на сите гранични премини Табановце, Блаце, Богородица и останатите премини. Проблем е што сите гранични премини работат со застарен систем од 80-тите години и секојдневно е во дефект. Системот на вагите е исто така застарен, секојдневно се расипува и се создаваат огромни колони, вели Марјан Стефковски- Претседател на независен синдикат на професионални возачи на транспорт и врски Македонија

Од Синдикатот велат дека Иницијативата „Отворен Балкан“ не функционира во пракса онака како што е најавувана. Решението според нив е да на секој граничен премин да има минимум две ленти. Непречен проток на  камионите имало само еден ден – кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бил во посета на „Табановце“ да промовира уште две нови ленти, кои според Стефковски не функционираат.

Како професионални возачи, не сме виделе резултат од Отворен Балкан. Сепак, сè уште постои основната работа – документации околу царината и ред други работи кои се вршат на граничните премини, а кои, како Отворен Балкан не треба да се случуваат.  Нема две ленти, додава Стефковски.

Синдикатот предупредува дека доколку не бидат повикани од Владата на средба, симболичниот протест ќе премине во целосни блокади на граничните премини.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста