Камионџиите на протест – Владата нема слух за нивните проблеми – утре блокади во центарот на Скопје

На професионалните возачи им дојде преку глава. Утре два и пол часа ќе го блокираат Скопје со транспортни возила откако повеќе од месец дена апелираат и испраќаат барања да седнат на иста маса со Владата и да најдат некакво решение за деценискиот проблем со гужвите по границите.  Последно пред 10-тина дена на барање на Независниот синдикат на професионални возачи на Македонија била oстварена средба и во Царинската управа каде не наишле на никаква позитивна точка за решавање на проблемите по што единствен избор им е револтот да го изразат на улица.

Ние како независен синдикат им дадовме и на Владата и на Министерството за транспорт и врски и до сите други Министерства до кои испративме писмено и електронско барање за да не повикаат за да најдеме заедничко решение кој сериозно се одразува децениски во Македонија, вели Марјан Стевковски , Претседател на Независен Синдикат на професионални возачи на транспорт и врски на Македонија.

Иницијативата „ Отворен Балкан“  помпезно најавувана како една економија за сите  не придонела никако за подобрување на ситуацијата на граничните премини. Цело време функционира  само една лента, а често се случуваат технички проблеми како расипување на вага, пад на систем, или немање на струја што резултира со километарски колони, и огромни финансиски штети за транспортерите.

Ние самите професионалните возачи мораме да ги надоместиме штетите исто и транспортните фирми. Веќе ова е децениски проблем и мора да најдеме решение зашто ние да плаќаме за нечие несовесно работење, додава Стевковски.

По месец дена притисок во јавноста, подобрување на ситуацијата имало само еден ден- кога Министерот Спасовски заедно со директорката на Царинска управа се прошетаа на „Табановце“ за да уште еднаш кажат дека „Отворен Балкан “  е иницијатива која ќе го зазбрза протокот на стоки и патници, а се пофалија и со две нови ленти кои од излез се пренаменија за влез на земјава.  Протестот утре почнува напладне од пред ТЦ „Скопјанка“, па ќе има 15 минутна блокада кај Мавровка по што колоната ќе застане пред Владата каде ќе ги постават нивните барања.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста