Тајни средби во Скопје: Ѓоргиев со колегите и бугарските историчари зад затворени врати ја кројат судбината на Охридската архиепископија

Зад затворени врати во Скопје минатава недела, македонските и бугарски историчари ја договарале судбината на Охридската архиепископија, за која голем број бугарски историчари тврдат дека била бугарска, а не македонска. Велејќи дека поубаво им било да работат подалеку од очи на јавноста, ова го откри првиот човек на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев.

-На оваа средба имаше извесно приближување за Охридската архиепископија, за претставување на историскиот развој и улога на Охридската архиепископија и нејзиното значење за христијанството за словенското население на овие простори. Има приближување, но сепак не успеавме да дојдеме до конечна препорака, изјави Ѓоргиев.

Не било работа на историчарите од Комисијата да говореле дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин. Овие зборови доаѓаат од Ѓоргиев, во моменти кога Делчев можеби е и главната тема на преговорите и разговорите меѓу двете страни, а јасна е онаа на официјална Софија, дека Делчев бил Бугарин.

-Апсолутно не е работа на комисијата, во својот текст да истакне некакво нели свое видување и тоа нема ни да се случи, бидејќи ако ние го славиме Гоце Делчев славањето на таа личност треба да биде на некакви други основи и на други вредности, а не за тоа дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин, изјави Ѓоргиев.

Додека од Софија секојдневно ни стигнуваат пораки дека Македонците биле Бугари, македонскиот јазик бил само дијалект на бугарскиот, Ѓоргиев очигледно живее во некоја друга порозова реалност. Според него тие со ништо не допринеле за рушење на идентитетот и јазикот.

-Ништо посебно не се случува во однос на идентитетот, кој ние самите по некогаш го доведуваме под прашање, самите ние го потенцираме тоа. Идентитетот, јазикот, кој апсолутно никако не е доведен под прашање со нашите одлуки, но намерно постојано се вади на површина, изјави Ѓоргиев.

Иако досега цело време тврдеа дека не ги интересира политиката, туку тие работеле само за историјата, Ѓоргиев сепак ни кажа и руга вистина. Запрашан за секојдневните провокаторски изјави од официјална Софија, како и онаа на Заев дека Бугарија никогаш не била соработник на фашистичкиот режим, туку администратор, Ѓоргиев вели тие некогаш биле и несреќни.

-Ние работиме во еден политички контекст, тоа е јасно, не може да се целосно апстрахираме од тоа. Меѓутоа, изјавите кои дојдоа и од бугарска страна и од наша страна по некогаш беа и несреќни изјави, изјави Ѓоргиев.

Инаку, во текот на минатата недела, во четврток и петок Комисијата одржала нови средби за кои јавноста немаше информации, а минаа и без никакво соопштение за што било разговарано на тие средби во Скопје. Историчарите до сега договорија промени во учебниците во историја во седмо во Македонија и шесто во Бугарија. Постигнаа договор и за заедничко чествување на светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум, Свети Климент, Цар Самоил, а во последниот протокол кој стана услов за државава на патот кон ЕУ и Самоиловото царство стана бугарско во македонската историографија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста