Срамен вандалски чин: Украдена е бистата на Славко Јаневски во Струга

Вандализам во Струга,исчезна бистата на основоположник на македонската современа литература, Славко Јаневски-авторот на првиот роман објавен на македонски јазик „Село зад седумте јасени“.Бистата на Јаневски која беше поставена во алејата на поетите на самиот кеј на Црн Дрим, е откорната од постаментот.Обид за кражба имало и на останатите две бисти на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин.При вообичаена проверка видовме дека бистата на Јаневски ја нема,а другите беа видливо расклатени, во обид на се откорнат од постаментите-вели директорот на Струшки вечери на поезијата.

  • „Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги oткрие и да ги казни сторителите. Бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин привремено ќе бидат дислоцирани додека не се осигураат поцврсто и да бидат вратени на нивните оригинални локации”-вели Тодорче Тасевски,директор на СВП.

Бистата на Шопов, авторотот на првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија и онаа на Есенин, превентивно се отстанети со цел да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите.
И ова не е прв пат, ваков вандалски чин на сквернавење се случи пред година и пол кога беше откорната и фрлена во езерските води бистата на уште еден истакнат македонски поет Анте Поповски и тоа токму на годишнината од неговата смрт.И тогаш имало обид да се откорне бистата на Јаневски.

И мртвите не можат да бидат спокојни и сигурни пред несреќите на овој народ-цитирајќи го својот татко,тогаш напиша на својот фејсбук профил синот на Анте Поповски, Жорж Попоски,изразувајќи сомнеж дека полицијата добро ги знае сторителите кои како што самиот напиша,на овој или оној начин одработуваат за политичките елити во градот.

Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата-порача директорот на Струшки вечери,апелирајќи до сите граѓани да помогнат во пронаоѓањето на бистата.

Новинар Росица Голабоска
Снимател,монтажа Златко Маневски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста