Ревизија: Фондот за иновации потрошил еден милион евра за хонорарци и експерти кои не ги поминале филтрите

Без тестирање и без интервју Фондот за иновации вработил хонорарци за кои од касата одвоил 1 милион евра. Со низа нерегуларности, Фондот ангажирал надворешни соработници кои го чинеле речиси 750 илјади евра, а над 260 илјади евра одвоил за стручњаци кои требало да ги оценуваат проектите за „Финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија за иновации и технолошки развој“. Сето ова го открива Државниот завод за ревизија. Според ревизорите Фондот  нетранспарентно и субјективно постапувал кога склучувал договори и им ја одредувал платата на ангажираните на подолг временски период.

  • Со извршениот увид во реализацијата на јавните повици утврдивме дека во Одлуките за финансирање донесени од Комитетот за одобрување на инвестиции не е определен рок за склучување на договорите за доделување на средства, а корисниците не доставуваат навреме квартални/завршни извештаи за претходно спроведени активности , што придонесува за пролонгирање на времето на реализација на проектите“ се наведува во ревизија на ДЗР.

Освен овие 1 милион евра, Фондот склучил и четири рамковни спогодби за мониторинг на проекти кои чинеле неверојатни 1милион и 650 илјади евра во истиот временски период од три години.  Но, и покрај бројните нерегуларности во вработувањата од Фондот, ревизорите не нашле соодветен кадар кога ги посетиле канцелариите.

  • Со извршената анализа на актите за систематизација и организација на работните места, со ревизијата се утврди дека истите не соодветствуваат со надлежностите, тежината и обемноста на задачите на ФИТР, односно од систематизирани 16 работни места , пополнети се само 8“ се наведува во ревизија на ДЗР..

Ова не е прв пат владина институција да се расфрла со пари за привремени вработувања. 160 илјади евра чинеа тајните хонорарци на Артан Груби ангажирани за само 12 месеци. Иако министерството за политички систем и односи меѓу заедниците има над 350 вработени, првиот вицепремиер плаќал и дополнителна работна сила, обелодени истражувачката мрежа БИРН.

Викторија Миткова

  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста