Различни ставови на власта и опозицијата: Ковачевски би одел на лидерска за уставни измени, Мицкоски бара итни избори

Премеирот Димитар Ковачевски отворен за нова лидерска средба на која ќе се разговарало за уставните измени. Јасно е дека тоа е главната цел на власта годинава, па Ковачевски би седнал со Христијан Мицкоски и другите политички лидери, да ги убедува да ги гласаат уставните измени. Вели последната лидерска не била само за овој проблем, туку и за енергетската и економска криза, па очигледно премиерот сега би сакал да зборува само за внесувањето на Бугарите во Уставот.

-Нова лидерска средба не е планирана, меѓутоа јас не исклучувам таква можност на која што ќе можеме повторно да поразговараме во однос на најзначајните прашања. На последната лидерска средба не разговаравме само за уставните измени, бидејќи во државата има голем број предизвици, пред се енергетската и економската криза, и јас таму во детали ги информирав лидерите на сите парламентарни партии, освен на оние двајца кои не присуствуваа, изјави Ковачевски.

Опозицијата не се согласува со Ковачевски и жестоко е против уставни измени. Ова уште еднаш го повтори првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Овој собраниски состав немал мандат да гласа за промени на Уставот, па единствениот излез тој го гледа во предвремени парламентарни избори. Според Мицкоски неприфаќањето предвремени избори е одложување на поразот на власта.

-Ставот е дека овој Парламент нема мандат да менува Устав, бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, ниту опозицијата се согласила со тој договор, ниту пак излегла пред граѓаните да ветува дека ќе има уставни измени. Така што треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори, така што да излеземе сите со решение на проблемот кој што го донесе Владата на ДУИ, поддржана од СДСМ, па граѓаните се тие да одлучат на кого ќе му ја дадат довербата, изјави Мицкоски.

Власта на секој начин се обидува да ги протурка уставните измени во Собранието, но проблем секако за нив претставува што немаат двотретинско мнозинство во Парламентот, а тешко е да се очекува дека ќе го имаат, со оглед на ставот на ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски порачува дека ако Ковачевски продолжи да дезертира и да се крие од прашањето за избори, за жал не ќе може сега да го одбие одговорот дали успешно се справува со ситуацијата во државата, ќе требало да се почека неколку месеци за и пратениците од неговата пратеничка група да ја турнат Владата.  

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста