Разговорите во ќор-сокак, роковите поминаа, Владата до крајот на неделата ќе одлучела како ќе почне учебната година

Редовна настава за децата до десет годишна возраст и онлајн настава за повисоките одделенија. Ваков е ставот на Комисијата за заразни болести за претстојната учебна година. Ова министерот за здравство го презентирал на денешната владина седница. Сепак, конечната одлука, Владата ќе ја донесе во следните денови.

Ставот на епидемиолозите е дека на есен, кога се очекува нов посилен бран на корона вирусот, ќе биде ризично да се дозволи настава во училница без ограничувања. Тоа што постарите ученици би учеле од дома, ќе отвори можност помалите ученици да имаат повеќе простор за одржување на протоколите за социјална дистанца.

Сепак, од Комисијата се децидни – конечната одлука за тоа кој модел на настава во која Општина ќе се имплементира, ќе ја даде надлежното Министерство за образование.

Денешниот состанок на Комисијата за заразни болести и работната група од образование не се одржа. Бил презакажан за утре. Но извори од Комисијата брифираат оти состанокот бил одложен бидејќи претставниците од образование не дошле на средбата.

Првиот човек на МОН, Адеми не е достапен за медиумите, за да објасни зошто се пролонгираа преговорите кои требаше да финишираат до 10 Август. Неговата заменичка, Елизабета Наумовска, само кусо повика на трпеливост и рече оти заклучоци наскоро ќе има.

Неофицијално, работните група разгледуваат неколку верзии – учење со скратени часови, ротација на смени и настава во групи.

Начинот на едукација, според надлежните, ќе зависел и од епидемиолошката состојба со Ковид 19, па не е исклучена ниту можноста да се премине кон целосна интернет настава доколку состојбата со вирусот се влоши.
Во, меѓувреме, на социјалните мрежи, групи родители со поделени ставови – едни сметаат дека децата мора да се вратат во училишните клупи, други пак бараат децата да им учат од дома. И двете, доставија листи со барања до МОН и Владата.

Од Комисијата за заразни болести најавуваат оти утре ќе се „пеглаат“ и протоколите за старт на работа и кај градинките.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста