Протест на универзитетските професори – Јунска сесија сепак ќе има

Автономија без достоинствени плати е илузија. УКИМ се бори за гола егзистенција. Материјалната положба на вработените во УКИМ е исклучително тешка. Државата целосно го потценува нашиот труд – вели Проф. Д-р Ангел Ристов на денешниот протест на вработените во најголемиот државен универзитет. Порачаа дека студентите не треба да стравуваат, оти јунската сесија ќе се одржи, но, не отстапуваат од барањата и доколку не им бидат прифатени, следниот протест ќе се случи пред владата и тоа во многу поголем број.

„Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со вистинско и систематско покачување, четиригодишно покачување за да дојдеме до достоинственото ниво на плати во регионот. – Изјави Проф. Д-р Ангел Ристов, Претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ.

Поддршка за протестот организаторите добија и од ректорот Никола Јанкуловски, кој истакна дека ректорската управа и сенатот кој брои скоро 70 редовни членови дале поддршка за покачување на платата и испратиле дописи до Владата, Собранието, како и МОН во кои се укажува дека платите на вработените на УКИМ се ниски.

„Вработените на Универзитетот се чувствуваат занемарени, со оглед дека платата на професорите е 39 илјади денари, буџетска плата, а од друга страна сите наставници од регионот имаат 1.500 евра, мислам дека е редно да се смогнат сили и да се направи нешто“ – Соопшти Никола Јанкуловски ректор на „Св. Кирил и Методиј.

Нашата плата е смешна и сосема деградирачка, а работиме и за двајца и за тројца затоа што владата не одобрува нови вработувања – велат од техничкиот и административниот персонал.

„Владата знае дека не одобрува нови работни места во делот на ненаставниот кадар. Тоа значи дека работиме и за двајца и за тројца. Од таа причина, ја молам Владата да погледне сериозно во очи со проблемите со кои се соочуваме. Нашата плата е од 18.000 до 25.000.“ – Истакна Габриела Анастасовска – Претставник на административниот и технички персонал

Засега, голем дел од вработените во УКИМ земаат најниски плати во Европа и истите се под просечната плата во Македонија.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста