Економијата во колапс – Владата не презема ништо

Антикризни мерки ќе нема за сите на кои им се неопходни. Ниту алармите на бизнисот, ниту поплаките на граѓаните не ја предомислија Владата да најде пари во ребалансираниот буџет и да ги ублажи последиците од високата инфлација. Вицепремиерот Битиќи потврди дека мерки ќе има, но дури од септември и тоа само за најранливите граѓани. Бизнисот не беше спомнат. Кому и како ќе се помага ќе се знае по изгласувањето на ребалансот кон крајот на јуни.

„Планирани се 73 милиони евра. Веќе ги правиме сите анализи. Ќе бидат донесени, но нема да бидат сеопфатни, туку таргетирани за најзагрозени домаќинства и компании“ – вели Фатмир Битиќи, Вицепремиер за економски прашања.

Економијата е пред рецесија, а државата нема стратегија како да му помогне на бизнисот да застане на нозе. Наместо помош во активирање на стокови резерви и буџет исклучиво наменет за социјала и плати, економистот Абил Бауш предлага да се донесат мерки кои ќе донесат развој.

„Некое даночно олеснување, некои подобри услови за работа и слично. Тоа треба да го чека бизнисот, за да нема оптоварување на бизнисот. Во моментов бизнисот е оптоварен со минимална плата, со даноци…“ – вели економистот Абил Бауш.

Бауш не очекува казни за трговците, по најавата на Битиќи дека инспекторите ќе излегле на терен да ги проверат бидејќи нагло и нереално ги зголемија цените за 20 до 30% за неполни 24 часа. Вели злоупотреби имало веќе неколку месеци и тоа ќе трае подолг период.

„Поради тоа што нема шанси да ги контролира сите трговци, па и произведувачи, ќе треба или да направи нова даночна политика при што на тие што ќе направат енормни профити ќе може да им земе малце повеќе, да ги одданочи малку повеќе и потоа да може тие средства најдобро да ги распредели, да ги врати на граѓаните“ – предлага Бауш.

Економистот Бранимир Јовановиќ, пак, неодамна кажа дека џабе ќе биле новите мерки бидејќи веќе било предоцна да се реагира. Инфлацијата била излезена од контрола, а токму кога било најтешко Владата одбила да помогне.

Владата сама си ја сече гранката кадешто седи, си прави уште поголема штета, го иритира населението, го повикува да излезе на протести“  – вели Бранимир Јовановиќ – економски аналитичар

За разлика од Македонија, другите држави имаат голем сет мерки за даночни олеснувања, откажувања од акцизи и разни ваучери за да им помогнат на граѓаните и населението.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста