Предлог буџет: Мицкоски критикува, Ковачевски ветува стабилност

Наместо владата да презентира колку ќе вложува во наука, образование, здравство, изградба на автопати – се фали со социјални пакети, што покажува дека социјалните случаи во државава растат. Остри критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог Буџетот кој денеска го презентираа премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на финансии Фатмир Бесими. Според Христијан Мицкоски и покрај тоа што ситуацијата со економијата е алармантна, буџетот не е развоен и нема капитални инвестиции. Штом нема капитални инвестиции, има се повеќе сиромаштија, и со тоа опаѓа квалитетот на животот на граѓаните.

Успешен премиер е тој што ќе рече дека од оваа година Македонија не е држава со највисока стапка на сиромаштија, а не тој што се фали со зголемувањето на бројот на социјалните случаи. Спектакл се прави од нешто што треба да биде редовна активност на владата, дека ќе имало социјални пакети. Ние треба да работиме како држава да немаме многу социјални пакети, треба да имаме богати граѓани. Успешен е оној премиер кој што ќе рече, оваа година Македонија не е држава со најголема стапка на сиромаштија и јас сега имам повеќе пари да вложувам за развој на образование, здравство и така натаму – изјави Мицкоски.

И додека опозицијата критикува, власта на Буџетот гледа со поинакви очи. Премиерот Димитар Ковачевски уварува дека со предложениот буџет ќе се обезбеди економска и енергетска стабилност и поддршка на граѓаните и компаниите во услови на светска економска и енергетска криза.

Од овој буџет јас очекувам резултати. И ќе инсистирам да ги има. Овој буџет е основата за нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Македонија, идна земја членка на Европската Унија. Изминативе 10 месеци вложивме огромни напори и успеавме да ја заштитиме македонската економија и животниот стандард, но сега е време да мислиме за тоа како да одиме напред и како да направиме подобро – изјави премиерот Ковачевски.

Ова е историски најголем буџет oд 5,3 милијарди евра, но и со најголемо задолжување – проектирано е Македонија да се задолжи за дополнителни 700 милиони евра односно дефицит од 4.6%.

Предлог-буџетот за 2023 година е веќе во собраниска процедура. Пратениците дебатираат на матичната Комисија за финансирање и буџет. Опозицијата смета дека владата е единствено успешна по задолжувањето, а со овој буџет догодина Македонија ќе ја задолжи за 1,5 милијарда евра и јавниот долг ќе достигне осум милијарди евра. Власта пак уверува дека работи во интерес на граѓаните, зачувување на животниот стандард, обезбедување електрична енергија, помош за најранливите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста