Дамeва, нова претседател на Судски совет: За било какви влијанија и притисоци ќе знаат членовите ама и медиумите

Симпатизер на СДСМ, ама никогаш нејзин член – вака за себе вели новоизбраната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева.  10 од членовите на советот кренаа рака „ЗА“, а само Лорета Горгиева беше против Дамева, таа побара и јавно изјаснување, а од гласањето се иззема Зоран Герасимовски. Откако беше избрана, Дамева вети дека во никој случај нема да дозволи политички притисоци како нејзината претходничка Павлина Црвенковска. Таа пак не присуствуваше на седницата, бидејќи била на боледување.

  • „Јас досега како член ниту сум имала притисоци и влијанија, ниту ќе дозволам тоа да се случи. Знаете интегритетот е единствениот штит, одрандбен, во насока на влијанија и било какви притисоци. Доколку како член, еве сега како претседател на Судскиот совет, не само пред членовите туку и пред вас, медиумите, ќе известам за таквата ситуација “ рече Дамева, нов претседател на Судски Совет

Дамева беше предлог на претседателот Пендаровски за во 2019 година да стане член на Судксиот Совет. Токму тогаш во јавноста се појави фотографија од нејзе со Зоран Заев како дел од Правната комисија на СДСМ, но Дамева демантира дека некогаш била дел од политичка партија, само симпатизер, во што не гледа ништо спорно.  

  • „Никогаш не сум била член, ние како интелектуалци, како дел од овој систем, сме симпатизери сме гласачи на избори. Уште од 18 години учествувам на избори, преку моето гласање на избирачкото ливче и не гледам тука ништо спорно – смета Дамева.

Герсимовски, кој до овој момент беше член на Судскиот совет, Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и нејзин в.д. директор, се иззема од гласањето поради конфликт на интереси и ја напушти седницата.

  • „ Јас поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на Академијата откако Комисијата за спречување на корупцијата реагираше за мојот случај и утврди дека има судир на интереси. Сакам да се изземам и од изборот за нов претседател на Судскиот совет“ – истакна Герасимовски на почетокот на седницата и потоа ја напушти просторијата.

Герасимовски останува во Управниот одбор на Академијата и истовремено член на Судскиот совет.

Екс-претседателката Црвенковска си замина од позицијата 4 месеци пред да и истече мандатот, поради како што наведе, притисоците од судско-бизнис елитата. На седницата пред да поднесе неотповиклива оставка на членовите им доставила список од 15 судии кои можат да бидат членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, но останатите не се согласиле со листата на Црвенковска.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста