По толку датуми, сега датумот не бил важен: Ковачевски не теши, Мицкоски бара ЕУ да се обедини за нас како за Украина, Петков ни го цементира ветото

Толку пати ветуваниот датум за старт на преговори, стана работа за која власта сега не сакала да се врзува. Ова е најновата порака испратена директно од устата на премиерот Димитар Ковачевски. А доаѓа во моменти кога бугарскиот премиер Кирил Петков ја повика на средба целата владина коалиција за потврда на европската рампа и во јуни годинава. Ковачевски порачува дека сме имале подобри препораки од земји кои преговарале, но спорот со Бугарија бил проблем.

-Првин уште кога го имав експозето за оваа Влада, јас во ниту еден момент  не се врзав со датум за почеток на преговорите, бидејќи тој датум за почеток на преговорите не зависи само од една страна, односно од нас, туку зависи од две страни, бидејќи имаме отворен политички спор со Република Бугарија. Функционирањето и работата на една Влада, не може да се врзува со еден датум кој што е како некоја отсечка во текот на годината, изјави Ковачевски.

Додека власта веќе јавно се откажува од старт на преговори летово, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, ја повика Европската Унија да направи притисок да престане политичката агресија од Бугарија кон Македонија. Порачува дека државата мора да започне преговори, но никако не смеат да бидат поминати македонските црвени линии.

-Само ќе ја упатам мојата порака до луѓето во Брисел да направат притисок онаков каков што е потребен врз Владата во Софија, исто така како што се обединија околу агресијата на Русија во Украина, да се обединат околу политичката агресија на Бугарија кон Македонија, да направат притисок и конечно Македонија да ги почне преговорите со Европската унија за полноправно членство, изјави Мицкоски.

Дека тешко е возможно некакво чудо и менување на позициите во Софија, свесен е и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Според него шансите да започнеме преговори се многу мали.

-Ако ме прашувате мене, ако прашувате за моето внатрешно чувство – во Македонија сум познат како политичар кој го кажува своето мислење. Немам еден личен или друг официјален став. Ќе ги ценам нашите шанси за почеток на преговорите, конечно по 17 години во кои сме кандидат, на помалку од 50 проценти, изјави Пендаровски.

Инаку, Кирил Петков го повика бугарскиот претседател Румен Радев да свика Совет за национална безбедност во однос на овој спор. Радев порача дека нема ништо против таков состанок, но прво сакал да ги слушне ставовите на бугарскиот премиер за Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста