Мајмунски сипаници – Monkeypox

Бројот на потврдени случаи на мајмунски сипаници ширум светот достигна 291, но заразата засега не е ендемична. Ова се вели во извештајот на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, пренесе агенцијата АФП. Повеќе од десет земји, претежно во Европа, каде што овој вид сипаници се ретки, потврдија најмалку по еден случај.

„Ова е првпат во Европа да бидат пријавени заразени луѓе без познати епидемиолошки врски со Западна или Централна Африка, каде што болеста е ендемична“,се вели во извештајот.

Во Велика Британија, каде мајмунските сипаници првпат беа откриени на почетокот на мај, бројот на потврдени случаи е 71. Следува Шпанија со 51 случај и Португалија со 37. Надвор од Европа, има 15 во Канада и девет во САД. Моментално не постои лек за мајмунските сипаници, иако вакцината за обични сипаници дава заштита од 85 проценти. Симптомите на болеста обично исчезнуваат по две до четири недели. Таа почнува со висока температура, како и поголем дел други заразни болести, општа лоша состојба, исцрпеност, силна главоболка, но веќе на третиот или четвртиот ден се појавува осип. Здравствените власти во Македонија објавија дека кај нас се уште нема пријавено случај, но дека постои загриженост поради ширењето на мајмунските сипаници и затоа го подготвуваат македонскиот здравствениот систем. Веќе се во преговори за набавка на антивирусниот лек „тековирамат“ како и набавка на вакцини против сипаници, а најавија и дека ќе обезбедат посебни дијагностички китови, односно тестови за мајмунските сипаници.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста