Пожарите стивнаа но опасноста сеуште демне

Во моментов во Македонија нема активни пожари, информираат од Центарот за управување со кризи. Дождот им помогна на пожарникарите, но сепак, се уште постојат повеќе жаришта кои во секој момент може повторно да избувнат. Надлежните тврдат дека будно ја следат состојбата.

Тим од дирекцијата за заштита и спасување, како и пожарникари од локалната против пожарна единица и национални шуми работат на целосно догаснување на овој пожар. Додека ја давам оваа изјава може да се појави нов пожар затоа што вегетацијата е сува, вчера немаше подеднакви врнежи на дожд на целата територија на државата, изјави Стојанче Ангелов – директор на ЦУК

Се уште постои опасност да се обнови пожарот кај општина Василево каде меѓу селата Владиевци и Требичино се забележува чад.

Немаме горење туку имаме само чадење, тоа е пожарот на територијата на општина Василево во атарот на селата Требичино и Владевци. Се работи за пожар кој што денес веќе е трети ден активен и очекуваме денес до 14ч да биде целосно изгаснат бидејки на 7,8 места се уште се забележува чад, изјави Стојанче Ангелов – директор на ЦУК

За справување со пожарите Македонија располага само со еден авион канадер и евентуално два хеликоптера кои не летаат ноќе и на високи температури. Надлежните уверуваа дека опремата е доволна, но реално состојбата е далеку од потребната. Освен во Скопје, речиси сите општини имаат недостаток од противпожарни возила, опрема и кадар. Ова отвора дилеми дали и колку надлежните ја научија лекцијата од минатата година кога пожарите предизвикаа огромни штети, а катастрофата ќе беше драматично полоша ако на помош не пристигнеа екипи од соседството и земји од ЕУ.

Само овој месец во Македонија изгореа над 200 хектари шума. Лани, Македонија остана без 12 илјади и 300 хектари шума во текот на целата сезона на пожари, што државата ја чинеше 38,6 милиони евра. Поради топлотниот бран кој ќе продолжи и после дождот, одговорните екипи мора да бидат спремни доколку се случи нов пожар.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста