ССМ бара Владата итно да ги зголеми платите во јавниот сектор, а не да создава револт со „козметика“

Покачувањето на платите од 5 проценти на платите во МВР, за синдикатот на полицијата на Македонија е срамно и само замајување на јавноста.  Претседателот на синдикатот реагира дека не станува збор за никакво покачување туку само порамнување на платите во полицијата со минималната законска плата заради избегнување на можноста од тужби во иднина

Платата на полицискиот службеник изнесува точно 22.787 денари а со покачувањето за некој месец платата за полициски службеник ќе изнесува точно 23.883 денари значи околу 1.100 денари покачување. Само да појаснам во оваа сума од 23.883 денари влегува и додатокот од 30% овластување заради посебниот ризик на работното место. Значи ако го одбиете и овој додаток од 30% ќе дојдете до некоја сума близу 18.000 денари колку што во моментот изнесува законски минималната просечна плата во Република Македонија. Со ова заклучуваме дека немаме никакво покачување, вест каква што сакаат да ни ја продадат Владата и Министерот Спасовски, односно постои само порамнување на платите во Полицијата со минималната законска плата заради избегнување на можноста од тужби во иднина, вели Орце Коцевски претседател на Синдикат на полиција на Македонија.

Според Коцевски ова е непочитување кон професијата и бараат да се исполни барањето за 1 бод – 1 евро, во превод колку бодови во моментот има полицискиот службеник толква сума на пари во евра да биде основната плата, и ова решение зависи само од волјата на првиот чоек на МВР.  Коцевски реагира дека поради некоректниот однос кон вработените се повеќе службеници во МВР ја напуштаат полицијата. Најавуваат дека ќе продолжат со притисокот кон институциите, и не ја исклучуваат можноста за протести.

И од Сојузот на синдикати на Македонија бараат зголуемување на платите за 18,4 % согласно Закон, а да нема манипулации со паушални зголемувања.

Владата на седница веднаш да донесе Одлука за зголемување на платите на вработните во јавниот сектор за 18,4 % согласно усогласувањето утврдено во Законот и да не прави дискриминација на своите вработени со паушални зголемувања од 2,3,5,10 или 15% со што прави обид да го минира генералниот штрајк, а прави уште поголем револт кај вработените. До септември како што вели законот, платите и во јавниот и во приватниот сектор треба да се успогласат за 18,4%, а ССМ бара, се бори и е одлучен до крај да истрае во за работниците да добијат  достоинствени плати утврдени согласно Законите и колективните договори кои мора да се спроведуваат и покрај сите притисоци, соопштија од ССМ

Штрајкот на ССМ во јавниот сектор започна на 6-ти јуни, а повеќе од две недели синдикалците беа на улица пред институциите поставувајќи ги своите барања. Власта не ги послуша и во Собранието, Владејачкото мнозинство не го изгласа Амандманот за линеарно покачување од 2806 денари на сите вработени во  Ребалансот на Буџетот. По Ова од ССМ одлучија да продолжат со штрајкот, и најавија колективна тужба против државата.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста