Пендаровски побара извинување од Бугарија – 80 години од холокаустот на македонските Евреи

И по 80 година, се уште не се свежи сеќавањата за тоа, како бугарскиот фашистички окупатор во сточни вагони испратија 7.144 макеоднски евреи на нивното последно патување. 88 годишната Шела Алтарац, единствената преживеана Еврејка од Штип ни раскажува како на само 8 години присилно ја транспортирале кон логорот на смртта Треблинка.

  • „Кога ме шишаа, ме погодија во глава, се онесвестив. Мајка ми прашуваше, каде ќе те закопам овде, каде ќе те закопам тука во логорот!? Кога се разбудив беше среќна, пресреќна дека преживеав. Но ете, останав сама, сама од целиот монопол.“ – Вели преживеаната Шела Алтарац-Сион.

19-годишните евреи од Македонија Мартин и Лука, велат дека е важно секој да знае низ што поминале нивните предци, за грешките од историјата никогаш да не се повторат. Она што што нивните дедовци им го раскажале тие ќе го раскажуваат на своите деца.

  • „Моите предци живееле во егејска Македонија, во пределот на Солун. Единствена причина поради која прабаба ми преживеала е бидејќи се заљубила во Македонец, иако браковите во тоа време биле организирани. Меѓутоа, таа избегала во Скопје со Македонец и се спасила“. – Вели младиот евреин Мартин Громбановски.
  • „Мојата прабаба била депортирана во притвор во Германија. Таму ја силувале, ја мачеле, и правеле многу страшни работи. Потоа ја земал некој Германец, таму работела како роб за него, така се спасила од војната.“ – Вели младиот евреин Лука Мочевиќ.

Од еврејската заедница во Македонија велат дека светот не треба да дозволи
создавање на паралелна историја по кеиф на Бугарија и возвишување на фашистите.

  • „Вчера се навршија точно 80 години од мартовските мугри, кога војската на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија им пресуди на невините Евреи. Хитлер, Мусолини, Цар Борис Трети и останатите членови на злосторничката дружина од оската на Третиот Рајх решија да уништата 98% од еврејската популација од Македонија“ – Изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.

Барајќи извинување од Софија, Претседателот Пендаровски прашува дали ние имаме право да смируваме нечија нечиста совест и да заборавиме со чии потписи беа Евреите испратени во смрт.

  • „За да има помирување, треба да има извинување за улогата на про-фашистичката Влада во Софија во тоа време, во депортацијата на македонските Евреи“ – Истакна Претседателот Стево Пендаровски.

Одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи почна со поворка на живите од Музејот на Град Скопје до „Тутунски комбинат“, а ќе заврши вечерва сокомеморативен концерт во Националната опера и балет.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста