Папата Франциск нема да присуствува на погребот на Кралицата Елизабета

Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во понеделник на 19 септември во 11 часот. Стотици светски лидери, премиери, претседатели и кралски членови ќе присуствуваат на погребот, а се очекува дека дури четири милијарди луѓе би можеле да го следат погребот на кралицата пред малите екрани.

Полицијата се подготвува за различни настани, од терористички закани до протести и гужви.

„Ова ќе биде најголемата операција за заштита на светските лидери и членови на кралското семејство во речиси 200-годишната историја на полицијата. Ќе бидат испратени службеници од речиси сите сили во земјата“, изјави Стјуарт Канди – заменик помошник комесар во Лондон

Церемонијата ќе започне со формирањето на погребната поворка, која ќе го пренесе ковчегот на кралицата од Вестминстерската сала, каде што таа е положена за да и се оддаде почит, до Вестминстерската опатија. Ковчегот на кралицата ќе го носи Воената поворка на кралската морнарица. Кон крајот на богослужбата ќе се свири „Последната стража“, по што ќе следува национално двеминутно молчење. Завршувањето на државниот погреб, кое се очекува во 12 часот, ќе биде означено со елегија. Посмртните останки на кралицата потоа ќе бидат пренесени во Виндзор на служба во меморијалната капела Крал Џорџ Шести, по што ќе следи приватен погреб.

Меѓу европските лидери кои ќе присуствуваат се францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, италијанскиот претседател Серџо Матарела и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. На погребот ќе биде и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Ќе присуствува и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Кинескиот претседател Си Џинпинг добил покана, но Пекинг размислува да испрати „делегација на високо ниво“. Иран ќе биде претставен на амбасадорско ниво. Северна Кореја и Никарагва беа поканети да испратат само амбасадори.

Папата Франциск потврдил дека нема да присуствува на погребот и наместо тоа ќе испрати висок функционер на Ватикан.

Сепак Русија беше изоставена од поканите па високи руски функционери беа револтирани откако британското кралско семејство одби да ги покани на погребот на кралицата Елизабета Втора. За тоа време Киев, потврди дека првата дама Олена Зеленска во име на Украина ќе присуствува на последното збогување на Елизабета.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста