Омбудсман: Извршителите да наплаќаат казнена камата не поголема од главниот долг

Долг од околу 370 илјади денари, за девет години станува над 800 илјади. Долг од над 500 илјади 11 години достигнува сума од над 2 милиони денари – ова се само дел од случаите кои стигнале до Народниот правобранител во кои граѓаните се во должничко ропство.

Бидејќи често казнената камата и трошоците се неколкукратно поголеми од основниот долг Омбудснманот ќе поднесе иницијатива за законски измени со кои се предлага дорегулирање на работата на извршителите.

Предлогот вели казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаната и неисплатена камата ќе ја достигнат главницата. Следствено на оваа, треба да се направат измени и во Законот за извршување, каде што треба да се додаде член кој би гласел, кога сумата на втасаната, а неисплатена камата ќе ја достигне главницата, извршителот во постапката на извршување престанува да пресметува и наплатува законска казнена камата, рече Народниот Правобранител Насер Зибери.

Граѓаните остануваат во магичниот круг на должници поради што е лимитирана договорната камата, ама не е лимитирана казнената камата. Дополнително, на терет на граѓаните кои се должници паѓаат и нотарските и изврштелските трошоци кои исто така имаат затезна камата. Со Иницијативата се предлага да се лимитира и каматата кои ја наплатуваат извршителите за нивните трошоци.

Од причина шо не е лимитиран износот на казнената камата граѓаните не успеваат да се ослободат од долгот, а извршителите можат да повлечат пари во износ од 1/3 или во одредени случаи 1/5. 1/5 од една пензија е толку мала што никогаш должникот не успева да го подмири долгот како резултат на постојано набивање на камата по основ на Законот за облигациони односи за казнена камата, додаде Зибери.

Во изминативе две години бил зголемен бројот на претставки од граѓаните кои отплаќаат долг со задршка на 1/3 или 1/5 од плата или пензија, а со години наназад најмногу од вкупниот број претставки до Народниот правобранител  од областа правосудство , се однесуваат за заштита на правата на граѓаните во постапките пред извршителите.

Најчесто граѓаните барале помош поради тоа што не биле информирани дека започнува постапка за извршување, за висина на долгот или за износот на пресметаните камати и трошоци. На граѓаните им се наплатувало и од средства од кои законски не смее како пари кои ги земале од социјална помош, од хуманитарна помош, стипендии и слично или се земало повеќе од 1/3 од плата. Пријавени биле случаи за неправилности во доставата на тужбите и налозите за извршување и за блокирањето на трансакциските сметки во банки.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста