Од што почина новороденчето во Битола пред три месеци: Конечно стигна обдукцискиот наод во Обвинителство

          По точно три месеци од сомнителната смрт на новороденчето во битолската Клиничка болница, конечно денеска во битолското ОЈО пристигнале резултатите од обдукцијата.

   „Надлежен Јавен обвинител го разгледа наодот, по што, во текот на утрешниот ден ќе издаде наредба до Институтот за судска медицина во Скопје за вешт наод со кој ќе се утврди евентуална причинско-последична поврзаност помеѓу причината за смртта и породувањето. Надлежниот Јавен обвинител ги презема сите неопходни дејствија за испитување на настанот и евентуална кривична одговорност. Нагласуваме дека во оваа фаза од постапката, секое јавно изнесување на доказите од засегнатите страни, нанесува штета и ја компромитира постапката. Сите страни се обврзани да ги почитуваат законските одредби за тајност на предистражната постпака“, – стои во соопштението од ОЈО во Битола.

    Новореденчето во битолската Клиничка болница почина на 9 април, по само два часа од породувањето.Трагичниот настан, на нозе ја крена целата македонска јавност, особено по објавувањето на околностите во кои се извршило породувањето, а кои ги обелодени младата 24-годишна мајка, Викторија Крстеска, која патем имала нормална и здрава бременост.

  „Кревајќи ја болницата од болки и молев за рез, уште два часа, госпоѓата која што веднаш после смртта на моето бебе си замина на одмор и не се појави на ниту едно сослушување, која тврдеше дека НЕ УЧЕСТВУВАЛА во мојот пораѓај, иако таа ме искасапи и животински ми скокаше на стомакот, ми се смееше и ми рече ” АКО НЕ ТИ СЕ БЕНДИСВАМЕ НИЕ, ОДИ СИ ВО ПЛОДНОСТ”. Удирајќи ме во стомакот, на кој што сеуште имам траги, насилно ми го извадивте бебето кое НИКОГАШ НЕ УСПЕАВ ДА ГО ВИДАМ!“, напиша тогаш несреќната Викторија.

   Сериозните сомнежи и за резултати од обдукцијата, младата мајка пред неколку дена, преку нашата телевизија по којзнае кој пат уште еднаш ги сподели и со македонскта јавност. „Што можам да очекувам? Кога успеаа да ја наместат целата работа и за тоа ангелче Јана, мислите мене ќе ме поштедат?! Не..!!! Јасно ми е се’. Ние сме уништени. Да не се повтори на ниту една мајка. Никоја да не го доживее она што мене ми се случи. Нема поголема болка“, ни рече таа.

   Инакум непосредно по трагичен епилог, ДСЗИ веднаш спроведе вонреден инспекциски надзор во Болницата и прекршочно казни еден лекар заради тоа што „во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо, а нема евидентирано ни анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар М.В. кој го извршил приемот“, стоеше во образложението од ДСЗИ.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста