Од поет до милионер: Колкаво богатство има Љубчо Георгиевски?!

Од поет до милионер. Љубчо Георгиевски ја искористи премиерската кариера за да стигне до статус на, како што самиот изјавуваше, „средно богат бизнисмен“.

Сепак, за него се шпекулира дека тежи и многу повеќе, неверојатни сто милиони евра. Барем така уште пред десетина години пишуваше „Бизнис 24“ обработувајќи ја темата „Колкаво е семејното богатство на поранешниот премиер“.

Во 2006-та СДСМ обвинуваше дека тој имал имот и во САД и прашуваше од каде му биле парите.

-Со која плата Љубчо Георгиевски купи имот на Флорида?, прашуваше тогашниот портпарол на СДСМ, Борис Кондарко.

Одговори на овие прашања никогаш не стигнаа. Поранешниот премиер се обидуваше да го сокрие имотот и да не го објави анкетниот лист.

Прво на шега пишуваше дека поседува кокошки и гуски, култиватор и трактор, но законот му го скрати просторот за шега.

На крајот мораше да открие што официјално поседува, но, само во Македонија. Пријавил  два стана во Скопје од 100 и 200 квадрати, куќа во беровско на име на сопругата, земјоделското земјиште во Скопје од три и од седум декари. Георгиевски пријавил и уметнички слики и колекционерски предмети, но без да се наведе цената. Од заеднички имот имал 70.000 евра, ниту една сметка во домашна или во странска банка, пишуваше „Утрински весник“ во 2007-та.

Богатството на Георгиевски беше тема и во неколку бугрски медиуми. „24 часа“ објави за неговите бизниси од другата страна на источната граница, за кои Георгиевски коментирал дека супер му одел бизнисот.

Тој веројатно беше и првиот политичар кој размислувал да влезе во бизнисот со струја, уште пред повеќе од десет години. Бугарски „168 часа“ пишуваше дека планирал производство на струја од сончева енергија, за што и регистрирал фирма,

-Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски, кој што стана бугарски државјанин, ќе произведува струја од сончева енергија кај нас. Тој купил место за фотоволтаични централи во хасковското село Светослав, покажуваат документите… Половина година порано Љубчо Георгиевски ја регистрирал фирмата „Ел Џи Солар“. Нејзината дејност е е производство на електрична енергија од обновливи извори, со адреса во истото село Светослав, пишуваше во текстот на неделникот 168 часа на 18.11.2010-та година.

Богатството на Георгиевски беше тема на работа и на други медиуми. Телевизија Алсат своевремено објави истражување дека фирмата која се поврзува со него победила на аукција и купила парцела за 44 евра за квадрат на атрактивна локација во центарот на Скопје, под Кале, каде требаше да се гради хотел во барок стил, но на крајот се изгради станбена зграда, каде сега се продаваат станови.

И синот на Љубчо, Лав, веројатно ќе оди по стапките на неговиот татко, односно влегува во бизнисот. Во 2020-та „Фактор“ објави дека тој е еден од четворица косопственици на финасиското друштво Премиум Фајнанс кое нуди брзи кредити.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста