Обвинителите бројат гласови – кој ќе седне во жешкото столче во организиран криминал?

8 часа имаа 163 обвинители од цела Македонија да изберат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Вилма Русковска, Ермон Незири, Деса Пауновска и Ислам Абази во трка за раководното столче Досега познато е дека првиот избор за челник во Организиран помина без нерегуларности, а Советот има три часа да ги сумира резултатите. По 19 часот веќе ќе биде познато кој ќе раководи со ОЈОГОКК, а Советот има рок од 7 дена да го назначи новиот шеф кој ќе гони криминал и корупција, 2 дена откако ќе и истече мандатот на сега суспендираната Русковска.

Обвинителите своето право на глас можеа да го остварат на 5 избирачки места, Државното обвинителство и Вишите обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип. Резултатите од сите избирачки места се собираат во Советот на јавни обвинители каде по сумирањето ќе се знае кој ќе шефува со Организиран во следните четири години.  

„Се гласа на пет избирачки места во целата држава. Во скопското Вишо јавно обвинителство гласаат 91 обвинител од вкупно 163 во целата држава значи најмногу. Можноста на непосредни избори да се бира раководител на едно обвинителство сигурно е значајно и претставува поголема одговорност“, рече Јован Цветановски, јавен обвинител во Вишо јавно обвинителство Скопје.

Пред камерите од кандидатите на денот на изборот се појави само Вилма Русковска. Сигурна е во својата победа бидејќи според неа така ќе победи правдата, но е спремна да признае и пораз.  

„Не, од страна на ниту еден колега немам добиено таква информација (дека има притисоци). Ако овие избори не бидат фер, кога гласаат обвинители, тогаш што да очекуваме од било кои други избори. Апсолутно сум сигурна дека ќе бидат фер“, кажа Русковска пред гласањето.

Од 29 август со Организиран раководи Трајче Пеливанов кој беше назначен како времена замена на Русковска. Тој ќе раководи до 14 ноември до кога се очекува Советот на Јавни обвинители да го именува новиот шеф, согласно законските рокови. Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. За разлика од претходно, кога Советот на јавни обвинители го избираше шефот за Органзииран, годинава прв пат на избори, легитимитетот го добива од колегите обвинители.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста