Бугарскиот амбасадор во САД: Нема влез за Македонија во ЕУ без промена на историјата

Или ќе ја менуваме историјата по бугарски вкус или можеме да заборавиме на Европската Унија. Она што цело време ни го кажува официјална Софија, а се обидува да го демантира власта во Македонија, сега ни го потврди и новиот бугарски амбасадор во САД, Георги Панајатов. Вели сите отворени спорови меѓу двете страни мора да завршат пред Македонија да влезе во Европската Унија.

-Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективното, научно толкување на заедничката историја на двете земји. Во текот на изминатите неколку години, Комисијата постигна неколку важни препораки. Работата на Комисијата за сите периоди од нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ и оваа заложба е дел од Протоколот од јули 2022 година, вели Панајотов.

Панајотов ни го потврди и фактот дека не ни го признаваат македонскиот јазик, дека не сме можеле да си присвојуваме нешто што не било наше. Односно вели голем број Бугари оставиле многу за јазичното и литературното наследство на јазикот кој сега го говорат Македонците.

-Во текот на претходните векови, огромен број Бугари го оставија своето јазично и литературно наследство на она што денес е територија на Северна Македонија. Да се тврди дека нивниот идентитет и дело сега се само дел од македонското наследство и дека бугарскиот јазик што го користеле е македонски јазик е чин на културно присвојување. Овој чин го повредува правото на самоидентификација на Бугарите не само во историски контекст, изјави Панајотов.

Во интервјуто за Гласот на Америка Панајотов говореше и за францускиот предлог, кој Македонија го прифати и доби меѓувладина конференција за сликање, а не и реален старт на преговорите со ЕУ. Вели ништо конкретно не е променето во однос на првичниот предлог, потенцирајќи дека ако имало поголеми промени, тој нема да биде прифатен од бугарска страна.

-Малите промени што следеа во она што разговорно е познато како изменет француски предлог од 30 јуни, не ја сменија суштината на предлогот. Да го стореле тоа, Бугарија немаше да ги укине резервите за време на гласањето во Европскиот совет. На крајот на краиштата, бугарската влада беше обврзана со условите поставени со правно обврзувачката одлука на нашиот Парламент, вели Панајотов.

Иако македонската власт сака да продаде едно, сепак дека ќе мораме да ја менуваме историјата си пишува и во протоколот кој е дел од францускиот предлог, каде имаме и временска рамка до учебната 2024-2025 година, во која мораме да ги промениме содржините во историските учебници.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста