Ништо од освежувањето- какви кадри ќе бидат дел од новата Влада?!

Нова Влада со веќе познати и стари кадри, ништо од најавено освежување на Заев и Ахмети. Пред само 10-тина дена, пред да биде постигнат договорот за кадровските решенија, ДУИ и СДСМ најавија дека за функционерските позиции ќе бидат предложени соодветни, подготвени, чесни и способни кадри.

Наместо тоа, до Собранието е доставен список во кој се имињата на луѓе кои во минатото беа на удар на јавноста и заради кои вртоглаво паѓа рејтингот на власта. Од сомнежи за корупција во случајот со Боки 13, преку непотизам, до предизвикување на национален револт.

Па така во министерското столче во одбрана останува Радмила Шекеринска, која што ја разгневи јавноста фотографирајќи се со знамето на УЧК зад неа. За министерката беше објавено и видео каде се гледа на гости во домот на Боки 13, заедно со Катица Јанева. Наместо прецизен одговор што барала таму, Шекеринска тогаш реши да ја нападне Алфа телевизија.

-(ПРАШАЊЕ: Што габарит има Боки 13 со него да разговарате за еден таков закон? Тоа не ми е јасно.) Јас и со вас разговарам, би сакала да разговарам и со сопственикот на вашата телевизија, ама не го знам кој е. Тоа е разликата меѓу тогаш и сега, изјави Шекеринска, на 10-ти јули на прашање на Алфа.

Министерка во новата Влада останува и Мила Царовска, која го менува ресорот труд и социјала со образование. И зад нејзиното име се појавија дамки во минатото. Беше објавено дека нејзиниот невенчан сопруг добил тендер од Град Скопје за летање дронови, вреден речиси еден милион денари, како и дека добивал набавки во четири очи вредни 1,5 милиони денари.

Дел од новата Влада на позицијата прв вицепремиер ќе биде и Артан Груби, кој е осуден на условна казна затвор од шест месеци поради инцидентите на Кале кој се случија пред 9 години. Тогаш тој беше предводник на невладината „Разбуди се“.

Во новата Влада на позицијата министер за економија останува и Крешник Бектеши, кој во мај годинава наместо да одговори на новинарско прашање, реши да ја нападне новинарката која го поставила истото.

-Ме чуди фактот што новинарка како Александра што имаат големо искуство и многу многу добро знаат за економијата и за процедурите како се донесуваат мерки било тоа со уредба со законска сила било тоа како се донесува програма да направи вакви прашања – рече Бектеши

Во новата Влада продолжува коалиционата љубов меѓу СДСМ и ДУИ, партиите кои во текот на кампањата испраќаа огнени стрели едни кон други, па дури Заев ги испрати и во опозиција.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста