„Никола Вапцаров“ може да му пресуди на Османи за навреда и клевета

Бујар Османи наместо да ги помага, потикнал и натамошни повреди на нeпризнатото македонско малцинство во Бугарија, сметаат основачите на македонскиот клуб во Благоевград. Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и самата организација Македонско движење за човекови права го тужат министерот за надворешни работи бидејќи во изјава во ноември минатата година искажал понижувачко мислење повредувајќи ја честа и огледот на тужителите нарекувајќи ги сомнителни луѓе со антидржавни ставови. Бранителот вели доколку Османи сака да се впушта во давање коментари од омаловажувачки карактер нека поднесе оставка и нека криткува како обичен граѓанин, но без да навредува.

  • „Суштината е дека не смее функционер, властодржец, кој има моќ, да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и борците за човекови права. Финансирањето на Здружението на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент е ставање тие финансиери и здруженија да бидат цел. Се обвинуваат здруженијата дека сами се криви за состојбата во која се нашле оти прифаќаат помош од кој било. А тужениот е тој што треба да ги помага и има должност да ги помага жртвите што имаат повредени човекови права, а не да се става од другата страна да ги навредува помагачите на тие жртви“, рече адвокатот Трајче Торов од Македонското меѓународно движење за човекови права.

Изјавата не омаловажувала ниту имало намера за тоа тврди адвокатот на Османи. Доколку тужителите се препознавале во изјавата, тоа било нивен проблем, вели одбраната и посочува дека доколку власта трпела критики и останатите граѓани можело да бидат критикувани

  • „Од изнесената содржина во тужбата, поточно од наведените изјави во тужбата, апсолутно не може да се прифати, т.е. утврди, дека обвинетиот, со изјавите искажал понижувачко мислење, со кое се повредуваат честа и угледот на тужителите, а уште повеќе не може да се утврди намера за омаловажување на кого било, што би значело и на тужителите“, рече адвокатот на Османи.

Во ноември лани, Османи тврдеше дека сомнителните финансиери од Канада на 5 илјади километри оддалеченост не можеле да знаат подобро за ситуацијата тука. Според зборовите на министерот оние кои го финансирале клубот, македонско здружение од Канада имале ставови спротивни на стратешките цели на државата.

  • Јас не можам да кажам дека сум убеден дека нема таму луѓе кој што имаат најчесни намери во отворање на овој клуб, ама фактот што финансиер на овој клуб е тоа здружение за мене е доволно да ми покрене аларм дека оваа иницијатива нема добра намера. Дајте да видиме да зборуваме со луѓето, да зборуваме со луѓето да ја вратиме нормалната траекторија“, изјави Османи на 28.10.2022.

Бил Николов, претседател на Македонското движење за човекови права од Канада и самата организација Македонско меѓународно движење за човекови права барале извинување од Османи ама не го добиле.

На следното рочиште закажано за крајот на мај, во Граѓанскиот суд тужениот Османи треба да го даде својот исказ.  Процесот го води судијката Јехона Садику.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста