Мицкоски: Мојата цел е зачувување на македонскиот идентиет, Ковачевски сака уставни измени под бугарски диктат и широка Влада со ДУИ

Мојата цел е зачувување на македонскиот идентитет и широка Влада без ДУИ, понудата на Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат и широка Влада со Али Ахмети. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса, порачува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Според него поентата не била ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт со некаква широка Влада, туку да почне да се гради процес и пакт за национално единство, за заштита на националните интереси.

-Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур. И измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ, вели Мицкоски.

Иако на лидерската средба и двајцата кажаа дека договор не бил постигнат, сепак последниве денови главната пропаганда на власта е дека опозицијата прифатила уставни измени. Мицкоски бил подготвен за ваквиот напад, а поканата за лидерската ја прифатил со задоволство, бидејќи единствено логично решение било да се прифати дискусија за европската иднина. Таму понудил решение, за проблемот кој власта го створила, а не може да го реши, и покрај тоа што не бил дел од тој проблем.

-Целосно свесен дека можеби определени структури ќе ме нападнат, а кои се во постојана координација со ДУИ и СДСМ. Државнички и одговорно е да се носат решенија кои не се на штета на идентитетот, а обезбедуваат европска иднина. ДУИ и СДСМ одлучија преку тие платени инсталации себенаречени опозиционери да ме нападнат мене и ВМРО-ДПМНЕ. Целта за последна катарза во опозицијата пред изборите е оправдана, а времето ќе покаже што значел нашиот предлог, а кои биле слугите на ДУИ и СДСМ, вели Мицкоски.

Мицкоски смета дека СДСМ имаат единствена намера да донесат решение на штета на граѓаните, а дека ВМРО-ДПМНЕ мора тоа да го спречи. Според него брзо изборно соочување на есен, е единствено решение во моментов.

-Ако се пропушти и оваа шанса, јасно е дека процесот е целосно заглавен, дека СДСМ има намера да донесе решение кое ќе биде штетно, а единствената брана за такви уставни измени ќе останат ВМРО- ДПМНЕ и пратениците кои нема да дозволат тоа да помине. Во тој случај изборите се единственото логично решение, изјави Мицкоски.

Околу заминувањето на ДУИ во опозиција, Мицкоски вели дека не е Ахмети тој што може да одлучува за таа опција, туку СДСМ и Ковачевски се оние кои треба да одлучат дали ќе ја прифатат или не оваа понуда.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста