Протест на вработените во УЈП – бараат повиски плати за 30%

Ако не добиеме за 30% зголемување на платите, ќе го блокираме работењето на Управата за јавни приходи, се заканија вработените кои денеска излегоа протест пред министерството за финансии. Административните работници велат дека се разочарани од игнорантскиот односот на власта, а од министерот за финансии Фатмир Бесими бараат поголема одговорност.

Претседателот на Синдикалната организација „Солидарност“ при УЈП, Васе Неданоски, изјави дека изготвен е нов Колективен договор во кој се утврдени неопходните права потребни за функционирање на управата, меѓу кои е и правото на зголемување на платите кое е одобрено со член 66 од Законот за буџети.

  • Таквата содржина на договорот беше прифатена од двете страни и беше испратена до Министерството за финансии на одобрување“, истакна Неданоски додавајќи дека со цел да се направи компромис во врска со договорот вработените на УЈП се откажале од некои финансиски права.

Од Управата за јавни приходи предупредуваат дека доколку не се потпише Колективниот договор со кој се овозможуваат 30 отсто повисоки плати на вработените следен чекор им е радикален штрајк, кој како што нагласи Неданоски, ќе биде во штета на целата држава.

Вработените во Управата за јавни приходи од пред министерството за финансии, побараа средба со министерот, кој, како што кажаа – не дал зелено светло за новиот колективен договор, за кој и самиот министер се фалеше. Истиот тој договор, според нив, од неразјаснети причини се уште не бил потпишан.

Што би значело тоа за целото општество сите треба да бидеме свесни.

  • Во исто време имаме заедничка обврска секој одделно и сите заедно со изнаоѓање решение, а тоа е давање согласност за потпишување на веќе прифатениот колективен договор тоа да го спречиме“, велат тие. 
  • Министерството за финансии имаше забелешки на договорот за наводни финансиски импликации по буџетот на Македонија по што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите. Но до ден денеска, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати. Затоа решивме да го одржиме денешниот протест. За 14 години платите на вработените во УЈП се корегирани само за 5%, а во последните 4 години ниту еден денар. Ја искажуваме нашата загриженост поради можноста да настанат непосакувани состојби, условени од неисполнување на работните задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрајк на што се инсистира од страна на вработените“, вели Васе Наданоски, од синдикалната организација при УЈП.

Од синдикатот на УЈП велат дека за изминатите 14 години, платите на вработените во институцијата биле корегирани само за 5%, додека за функционерите за 78% што било крајно разочарувачки за работниците кои едвај крпат крај со крај.

Од Синдикатот уште еднаш алармираа на непосакувани состојби, односно генерален штрајк на администрацијата, по што ќе бидат оштетени граѓаните и компаниите зашто нема да можат да завршат ни една работа.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста