Мега настан во кризно време – Владата два дена се фалеше достигнувањата

Скапа и квалитетна опрема за озвучување, огромни видео бимови, промотивни спотови, пијалоци, закуски, тефтери, пенкала, се на високо ниво на конференцијата „Година на нови можности”. Власта засега крие колку пари на граѓаните се потрошени за организација на дводневната конференција каде цел државен врв, од вицепремиери, министри, директори, градоначалници помпезно продефилираа да се пофалат со проекти од областа на економијата, здравството, судството, образование. Си раскажаа колку добро работат, ветија мед и млеко за во иднина. Изнајмен хотел, потрошени пари, а без сериозен ефект за животот на обичните граѓани.

Затоа многумина си го поставуваат прашањето зошто во услови на длабока економска криза, вртоглав раст на цените, полупразен буџет, и време кога луѓето едвај преживуваат до крај на месецот власта наместо да штеди, троши пари на организација на настани кои во моментов се целосно непотребни.

Вообичаено ваквите конференции чинат и по неколку стотици илјади евра, затоа Алфа се обиде да добие одговори од Владата колку државни пари се потрошија за организацијата, која фирма го доби тендерот, кој беше одговорен за озвучување, осветлување и друга техничка поддршка, колку пари се потрошија за изнајмување на хотелот?

На ниту од едно од овие прашања за сега нема одговор иако овие информации би требало да бидат достапни, согласно транспарентноста со која се фали власта. Иако пред два дена го прашавме премиерот Ковачевски колку чини настанот, а тој одговори дека службите ќе не известеле транспарентно.

Владата на Ковачевски, но и таа на Заев се познати по тоа што во минатото трошеле стотици и стотици илјади евра за луксузирање во услови на криза.

Така на пример, само за промоцијата на македонското вино на саем во Србија беа потрошени околу 400 илјади евра, се планираа 100 000 само за промоција на претседавањето ОБСЕ, додека целиот проект за раководење со оваа меѓународна организација чини цели 4 милиони евра.

И не е проблем само безпотребното трошење, туку и изборот на компании кои ги добиват парите. Вообичаено тендерите ги добиваат фирми блиски до власта, како во случајот на ОБСЕ, кога 100-те илјади евра за пи-ар и се доделија на агенцијата Рејтинг, омилена фирма на владата. Оваа агенција доби и 50.000 евра од Министерството за финансии за истражување на јавното мислење, а ги доби и парите за организација на винскиот саем.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста