Ковачевски и Таравари се видоа, ама уште не се договорија за влез на АА во владата

Пазар за министерски позиции затскриен позади таканаречена усогласеност на програмите – Aлијанса за Албанците се поблиску до Илинденска но се уште нема договор ни по денешната средба Таравари – Ковачевски. Без конкретни детали дали веќе се прераспределени ресорите, првиот човек на Алијанса за Албанците по состанокот изјави дека 90% од програмите на двете страни се совпаѓале. За министерски позиции ќе разговарале за три до четири дена, иако Арбен Таравари го спомнува Министерството за здравство како ресор за кој имале најдобри кадри.

Околу 90% од програмските определби се синхронизирани. За кадровските решенија воопшто не зборувавме. Деновите пред нас, ќе ги отвориме и кадровските решенија, се задржавме во програмските определби на партијата и Владата, за работи кои треба да ги завршиме до крајот на мандатот на оваа Влада. Се надевам за два, три, четири дена ќе се отвори и тоа прашање. Определбата на државата за евроинтеграции, Закони за борба против корупција, против Криминалот, за правна држава, Закон за влада, Бирото за рамномерен регионален развој да биде Агенција – изјави Таравари.

Од Владата преку соопштение информираа дека се разговарало за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државава, справувањето со кризата, економскиот развој. Работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии ќе продолжеле и понатаму.

Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ. Со оглед на програмската хармонизираност и заложбата за остварување на државните приоритетни цели, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа и се согласија за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините – информираа од Владата.

Веќе подолго време се шпекулира дека Алијанса на Албанците најверојатно ќе добие три министерства во владата на Димитар Ковачевски. Со ресорите правда и здравство наводно ќе раководат кадри од Алијанса за Албанците, а од рокадата на министерствата меѓу СДСМ и ДУИ зависи дали третиот ресор ќе биде образование, екологија или земјоделство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста