Зелените пазари „плачат“ за реновирање, трговците се жалат, тезгите се празнат, а давачките растат

Се празнат тезгите на зелените пазари, трговците се жалат дека муштерии има се помалку, а граѓаните барем оние кои купуваат, реагираат дека парите им ги изела инфлацијата. Ваква е сликата од терен каде јасно се гледа дека прометот на пазарџиите им е опаднат, зашто скапотијата си го направила своето. Се жалат дека давачките им се превисоки, поради што тешко опстануваат, а дел од нив размислуваат и да ги напуштат тезгите.

  • Пазарот се намали, ова веќе не го бива, нема луѓе бе еј, нема кој да работи, тезгите се празнат од ден во ден. Прометот е опаднат, а давачките се превисоки. Вкупните месечни давачки надминуваат 20.000 денари, поради што тешко опстануваме, а дел од нив размислуваат и да ги напуштат тезгите, велат пазарџиите за Алфа.

Пазарџиите бараат пониски цени за закуп на тезги, ама велат, нема кој да ги чуе. Се жалат дека цената за месечен закуп на тезга е над 5.000 денари, што во овие услови е неподносливо.

  • Како да живееме ај кажи, со над 5.000 месечно? Па тоа го нема никаде. Ако вака продолжи, нема да имам волја повеќе да доаѓам на работа, обемот на работа е опаднат, а единствените што купуваат се некои стари лица кои доаѓаат наутро, а после 14 часот никој не се движи како порано. Не знам што ќе правиме со исплатата на крајот на месецот, се надеваме дека државата ќе ни помогне, во спротивно сите ќе завршиме на улица, без никакви други приходи, додаваат пазарџиите.

Проблем се и хигиенските услови, велат пазарџиите, и не се сеќаваат кога последен пат плочниците на пазарите биле измиени со вода. Тезгите се стари и одамна незаменети со нови. Поради тоа често стоката им скапува и трпат загуби. Капак на се е паркирањето, кое им создава дополнителна главоболка.

  • 2.000 плаќаме месечно, плус робата, плус даноците, плус се, каде е есапот? А тезгите стари, ништо необновено, така што не знам што да кажам освен – ужасно, се жалат пазарџиите кои и лете и зиме се тука, на тезга.

И купувачите се жалат дека скапотијата си го направила своето. Велат дека колку ти е чергата, толку ќе ги пуштиш нозете.

  • Граѓаните, пак, токму поради тоа што немаат каде да се паркираат се решаваат да пазарат повеќе по маркетите отколку на пазарите и ние трпиме загуби од сите страни, се жали друг тезгаџија од зеленото пазарче.

Инаку, последното поскапување на паркингот кај зелениот пазар, односно зголемените цени на „Паркинзи – Центар“, ги дотолчи пазарџиите, кои не можат да покријат ова поскапување ниту преку зголемувањето на цените на производите, зашто така ги бркаат купувачите. Велат ако вака се продолжи, ќе биде крај на пазарот.

Во моментов најдобри услови за работа има на Бит-пазар, најголемиот градски пазар во Скопје, со нови тезги, обновена инфраструктурата на пазарот, како и нов покрив.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста