Македонија одбележува ден на Македонскиот јазик – колку државата го чува и негува?!

„Да се откаже човек од својот народен јазик, значи да се откаже од самиот себе“ – мислата на Крсте Петков Мисирков и денес силно одѕвонува и не треба се заборави.

Пораките и чествувањето на денот на македонскиот јазик доаѓаат во период кога тој се соочува со силни негации од политичарите и академската заедница во Бугарија. Затоа, прашање кое треба да се постави особено на 5-ти мај, е колку државата го чува и негува, и што прави да го заштити.

Македонскиот јазик си го има своето место во светската карта на јазици, и од секогаш постоеле политички или какви и да било причини кои може да ја разбрануваат јавноста, но како наука, Македонистиката постоела, и ќе постои – рече проф. д-р Лидија Тантуровска, од Инситутот за македонски јазик.

Тој јазик постои, додека постојат Македонци, ќе постои и македонскиот јазик. Треба во сопствената држава, да го афирмираме македонскиот јазик, да биде прифатен како обединување – рече проф. д-р Људмил Спасов.

Македонија доживеа исклучително тежок пораз кога по прифаќањето на францускиот предлог, дозволи да се потпишат унилатерални изјави, каде Бугарија си запиша дека македонскиот јазик не постои. Но за министерката за култура не било важно кој какви изјави ќе дава за нашиот јазик – тој постоел се додека го говориме и негуваме.

Унилатералната изјава покажува дека македонскиот јазик е на Македонците, на нашата држава, и постои. Секоја друга земја може да потпишува и да изјавува што сака – рече министерката Бисера Костадиновска Стојчевска.

Сепак, токму унилатералните изјави кои произлегоа од францускиот предлог, според најголем дел од македонистите, претставуваат непоправлива грешка и огромна опасност за македонскиот јазик – со нив, македонската Влада дозволи македонскиот јазик да биде оспоруван. Владата најпрвин со Преспанскиот, а потоа и со Договор со Бугарија , ги поткопа темелите и на јазикот и на идентитетот.

Јас имам чувство власта само си ја тера својата агенда, и воопшто не ги слуша предупредувањата на експертите, лингвистите – рече проф. д-р Елка Јачева Улчар од Институт за македонски јазик.

Во собраниска процедура влегува нов Закон кој предвидува вработување лектори во сите институции и медиуми. Од Институтот за македонски јазик се надеваат дека тоа ќе ја подобри состојбата зашто во моментов има сериозен недостаток на кадар, но и слаб интерес за изучување на македонскиот јазик бидејќи засега со оваа диплома тешко се наоѓа работа во струката.

Голем број македонисти, лингвисти, лектори што се без работа или на несоодветни места ќе можат да влезат како лектори во институции и медиуми, очекувам дека интересот да се изучува македонскиот јазик ќе биде поголем откако ќе се донесе новиот Закон – вели директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јовановска Грујовска.

Со Решение на Народната влада на Федерална Македонија, на 5 мај 1945 година е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а на 7 јуни 1945, е усвоен и правописот на македонскиот јазик.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста