Малолетен ученик од Чаир вперил играчка пиштол кон ученици, средношколки се заканувале преку Тик Ток

По трагедиите во Србија, и Македонија ги бележи првите инциденти. Ученик од скопски Чаир извадил пластичен пиштол играчка, и го вперил кон други ученици. Настанот се случил вчера, а реагирала и полицијата. Од МВР велат дека известен и јавен обвинител за малолетници. Во другиот случај, четири средношколки од Скопје завршиле на информативен разговор во полиција поради закани кон нивна соученичка преку „Тик-ток“. И двата случаи ги потврдија од МВР.

Полициски службеници во присуство на родители, педагог, психолог и директорката на училиштето извршиле службен разговор со малолетник-ученик во училиштето, постапувајќи по претходна пријава од директорката на училиштето дека извадил пластичен пиштол (играчка) и го насочил кон други ученици, а потоа и го предал на неа. Известен е дежурен јавен обвинител за малолетници”велат од МВР за Алфа.

За настаните во соседна Србија и во нашата земја реагираат и од сојузот на средношколци. Од таму бараат од МОН, засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на учебната година, канцелариите на психолозите да бидат отворени за учениците да можат да закажат средби со нив, обуки и доквалификации за стручните служби но и нивно тестирање.

„Праксата покажува дека училишните психолози се обременети со административна работа, што ги спречува да комуницираат со корисниците на нивните услуги – учениците. Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог“, велат од Сојузот на средношколци.

Инаку, единствената превентивна мерка од МОН засега е електронска адреса за пријавување врсничко насилство.

Дека ова не доволна мерка, покажува и барањето на пратеничката Моника Зајкова. Таа бара итна забрана на Тик Ток.

Наместо да седиме шокирани и тивко да тагуваме да реагираме и да дејствуваме со конкретни превентивни мерки и акции. Потребна е забрана на „Тик-ток“ како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи.”– вели Моника Зајкова, пратеник.

Зајкова бара и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста