Македонија добива нов мобилен оператор – „Телеком Србија“ преку „М-тел“ влегува во мобилната телефонија

Компанијата „М-тел“, членка на Телеком Србија групацијата, е новиот оператор на пазарот на мобилна телефонија и интернет во државава, со понуда на припејд и постпејд тарифи за кои ќе го користи префиксот 073. Ќе работи преку мрежата на А1 Македонија со сигнал на територија на цела држава. Раководството на „М-тел“ најави нови работни места, откако пред една година влезе на македонскиот пазар со продажба на сателитска телевизија.

  • Веќе имаме 80 вработени и ќе отвориме многу работни места. Посветени сме да ги пронајдеме и вработиме најдобрите стручњаци и сигурен сум дека за брзо време овој број ќе го удвоиме. Планираме да ги вратиме во мода припејд тарифите, бидејќи не сакаме да ги врзуваме корисниците со 24 месечени договори, рече Владимир Лучиќ, генерален директор на Телеком Србија групацијата.

Марко Лопичиќ, генерален директор на Мтел Македонија, информираше дека компанијата во својата понуда има припејд и постпејд тарифи, како и комбинирани пакети услуги од мобилна телефонија, интернет и сателитска телевизија.

  • Веруваме дека нашиот припејд сегмент ќе биде вистинско освежување на пазарот, а нашите припејд корисници ќе имаат пристап на апликации МplayTV I Balkan music кои ќе понудат филмски, сериски и телевизиски содржини, како и најдобрата регионална музика, рече Лопичиќ.

Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации, бројот на активни претплатници во мобилна телефонија во државава заклучно со вториот квартал годинава изнесува 1 932 608. А1 Македонија има 48,13 проценти од вкупниот број активни претплатници, по што следат Македонски Телеком со 47,39 проценти, Лајкамобајл со 3,19 проценти, Роби со 1,21 процент, Грин мобиле со 0,08 проценти.

Од резиденцијалните активни претплатници, 754 907 се припејд, а 928 381 постпејд, додека бројот на деловни претплатници изнесува 249 320.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста